Отворањето на Амбасадата на Македонија во литванската престолнина Вилнус е централниот настан на работната посета што министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски ќе ја реализира денеска во Литванија.
Од Министерството посочуваат дека воспоставувањето дипломатско претставништво во Вилнус претставува чекор кон зајакнување на дипломатското присуство на државата и продлабочување на билатералните односи со Литванија и поширокиот Балтички регион.
Во рамки на посетата, Муцунски ќе се сретне со литванскиот министер за надворешни работи Кештудис Будрис. На средбата ќе се разговара за унапредување на политичкиот дијалог, економската соработка и евроинтегративните процеси, како и за актуелните безбедносни предизвици и соработката во рамки на евроатлантското сојузништво.
Посетата се реализира во пресрет на претседавањето на Литванија со Советот на Европската Унија во првата половина на 2027 година.