Собранието го усвои амандманот за бришење на членот 13 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки, со што се прифаќаат укажувањата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која претходно одлучи да не го потпише указот за прогласување на законските измени.
Амандманот на 129. седница беше поднесен од пратениците Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска и Бране Петрушевски. Образложувајќи го предлогот, Стојаноски рече дека со бришењето на овој член се отстрануваат забелешките на претседателката, со што се создаваат услови законските измени да бидат усвоени.
„Со бришењето на овој член комплетно ги прифаќаме указите од претседателката и сметаме дека овој закон може непречено да биде усвоен, да го олесниме системот и да го направиме попрактичен, позаконски, потранспарентен и поцелисходен за целата државна управа“, изјави Стојаноски.
Тој посочи дека законските измени се дел од Реформската агенда и имаат цел да го унапредат системот на јавни набавки преку воведување дигитални алатки и вештачка интелигенција. Според него, со дополнувањето на надлежностите на Бирото за јавни набавки ќе се овозможи подобрување на постапките, намалување на ризиците од корупција и злоупотреби, како и побрза реализација на инфраструктурните и другите проекти.
На неговото излагање реагираше пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, кој посочи дека опозицијата уште на комисиската расправа предложила исто решение, односно бришење на членот 13, како и други амандмани.
Тој нагласи дека ова, според него, е првпат Законот за јавни набавки да се носи во собраниска процедура без јавна расправа. Наместо да се предлагаат дополнителни измени во постојната постапка, Битиќи смета дека подостоинствено решение било повлекување на законот и поднесување нов предлог со претходно организирана јавна расправа.
„Ова е можеби прв пат Законот за јавни набавки да се носи во собраниска процедура без јавна расправа. Подостоинствено ќе беше да го повлечете законот, да поднесете нови измени и да има јавна расправа, наместо да велите дека еве, сте ја послушале претседателката зашто таа кажала дека ова е противуставно“, изјави Битиќи.
Претходно пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска побара повлекување од дневниот ред на Предлог-законот за јавни набавки, предупредувајќи дека предложените измени ја намалуваат контролата врз трошењето на јавните пари и создаваат ризици од корупција.
Како што посочи Лукаревска, една од спорните измени е зголемувањето на лимитот за набавки без тендер, односно постапки во четири очи, од 5.000 на 10.000 евра.
Според неа, со ова секој министер, градоначалник, директор на јавно претпријатие или друг функционер ќе може да располага со 10.000 евра народни пари за набавки без да спроведе тендер и без да даде отчет.
Лукаревска реагира и на предложеното укинување на обврската за добивање одобрение од Бирото за јавни набавки за склучување договори без објавување оглас, оценувајќи дека тоа ќе овозможи зголемување на бројот на договори во четири очи без досегашната контрола.
Измените на Законот за јавните набавки, со кои се укинува критериумот „најниска цена“ при изборот на најповолната понуда, денеска повторно се најде пред пратениците, цо трето читање, по ветото на претседателката.
Иако Гордана Сиљановска-Давкова не го потпиша указот за прогласување на законот, нејзиното вето не се однесуваше на суштинските измени за начинот на избор на понудите, туку на одредбата за мандатот на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Владејачкото мнозинство поднесе амандман со кој се бара бришење на членот 13, со што се отстранува забелешката на претседателката и се отвора патот за повторно усвојување на законските измени во третото читање. За предлог-законот се поднесени вкупно 2.158 амандмани, од кои најголемиот дел се од опозициската СДСМ.
Измените на Законот за јавните набавки претходно наидоа на реакции и критики од Центарот за граѓански комуникации, кој побара од Собранието да ја одложи расправата додека не се спроведат јавни консултации. Од Центарот побарале и Државната комисија за спречување на корупцијата да ги провери предложените измени.
Според пресметките на Центарот за граѓански комуникации, со зголемувањето на годишниот лимит од 12.000 на 25.000 евра по институција, вкупниот износ што институциите би можеле да го потрошат за набавки под законските прагови би се зголемил од 18 на 37,5 милиони евра годишно.