Новиот Кривичен законик, кој е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) и е испратен на мислење во Европската комисија, предвидува затворски казни до 15 години за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за злоупотреби при јавни набавки и договори за јавно-приватно партнерство. Паралелно со него, на мислење во Брисел е доставен и Законот за кривичната постапка, а од Министерството за правда најавуваат јавни расправи и можност стручната јавност и граѓаните да достават забелешки и предлози.
Според предложениот член 460, со кој се уредува злоупотребата на службената положба и овластување, за основниот облик на делото е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години. Доколку сторителот прибави поголема имотна корист или нанесе поголема штета, казната е од една до осум години, додека за значителна имотна корист или штета е предвиден затвор од четири до 15 години.
Одредбата се однесува на службено лице кое, искористувајќи ја службената положба или овластување, пречекорувајќи ги границите на овластувањата или неизвршувајќи ја службената должност, ќе прибави корист за себе или за друг, ќе предизвика штета или потешко ќе ги повреди правата на друго лице, доколку не се исполнети законските обележја на друго кривично дело.
Со истите казни ќе се казнуваат и одговорни лица, одговорни лица во странски правни лица со претставништво или дејност во државата, како и лица што вршат работи од јавен интерес, доколку делото е сторено при вршење на законско овластување или должност. Предвидено е и судот, со одлуката со која ќе го утврди постоењето на делото, да ги поништи актите и непосредните последици што произлегле од него.
Ново кривично дело за злоупотреби при јавни набавки
Во новиот законик е предвиден и посебен член 461 – „Злоупотреба при јавни набавки или договори за јавно-приватно партнерство“. За основниот облик на ова кривично дело е предвидена казна затвор од една до пет години, за поголема имотна корист или штета од една до десет години, а за значителна корист или штета од четири до 15 години.
Одредбата опфаќа службено или одговорно лице кое спротивно на закон ќе склучи договор за јавно-приватно партнерство или договор за концесија, ќе набави стоки, услуги или работи без да спроведе постапка за јавна набавка кога било должно да го направи тоа, или незаконски ќе измени договор или рамковна спогодба за време на нивната важност.
Кривично дело ќе претставува и одредувањето услови и други елементи на јавната набавка спротивно на законските правила за технички спецификации, со намера да се привилегира одреден учесник во постапката, доколку со тоа за себе или за друг се прибави корист или на друг му се нанесе штета.
Во образложението на предложените решенија се посочува дека со новиот член се уредува злоупотребата при јавните набавки и договорите за јавно-приватно партнерство, наместо претходниот став 5 од членот 353, кој беше избришан со измените на Кривичниот законик во 2023 година и предвидуваше затворска казна од најмалку пет години за корупција при јавни набавки и нанесување штета на Буџетот.
Од Министерството за правда информираат дека со објавувањето на законските текстови се отвора можност за вклучување на јавноста. Стручната јавност, правосудните институции, академската заедница, граѓанските организации и граѓаните ќе можат да ги разгледаат предлозите и да достават забелешки, коментари, предлози и сугестии.
Во наредниот период се најавуваат и стручни јавни расправи на кои ќе се разгледуваат клучните прашања и решенија во двата законски текста. Од Министерството посочуваат дека нивното доставување до Европската комисија има цел да обезбеди дополнителна експертска оценка за предложените решенија и нивната усогласеност со европското законодавство и стандарди.
Мицкоски: Новите одредби нема да важат за претходните случаи
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека новите законски решенија нема да овозможат гонење за сомневањата за криминал сторен во периодот на претходната влада, бидејќи за тие случаи ќе се применува поблагиот закон, односно измените на Кривичниот законик од 2023.
Тој појасни дека новите одредби ќе се применуваат за кривичните дела сторени по нивното стапување во сила и дека нема да имаат ретроактивно дејство. Тоа, како што рече, значи дека правилото за примена на поблагиот закон ќе важи и за евентуални постапки за дела сторени од функционери на актуелната власт во изминатите повеќе од две години, доколку тие се однесуваат на периодот пред стапувањето во сила на новите законски решенија.
Мицкоски оцени дека измените на Кривичниот законик што ги донела претходната влада имале двојна цел – амнестирање лица од претходната власт од одговорност за криминал за кој постоеле основани сомневања, но и обезбедување политичка амнестија за поранешни структури од ВМРО-ДПМНЕ, за да се добие нивната поддршка за уставните измени во контекст на францускиот предлог.
„Тоа се закони кои во времето на СДСМ и ДУИ добија поинаква форма и суштина и се сеќавате тогаш тие злоупотребувајќи го европското знаменце по скратена постапка во парламентот ги изгласаа овие закони. Имаа двојна цел, првично да се себеамнестираат од сторените криминали за кои постоеја основани сомненија додека тие беа влада во тие седум години и второ мислеа дека на тој начин некои поранешни структури од ВМРО-ДПМНЕ ќе им овозможат политичка амнестија за потоа тие да им помогнат во намерата да се случат уставните измени како резултат на францускиот предлог. Тоа беше тогашната намера на тие измени на КЗ“, изјави Мицкоски.
Според премиерот, со испраќањето на законите во Брисел Владата покажала суштинска разлика во однос на претходната власт во пристапот кон борбата против криминалот и корупцијата. Владата очекува повратна информација од Европската комисија, по што треба да почне собраниската процедура за донесување на законите.
Се воведува кривично дело за загрозување на сигурноста во банкарскиот сектор
Во однос на најавеното воведување ново кривично дело за загрозување на сигурноста во банкарскиот сектор, Мицкоски рече дека одредбата е вклучена во предложените измени врз основа на актуелните случувања поврзани со Стопанска банка Битола, односно Алта банка.
Тој оцени дека станува збор за обиди на одредени политички структури да го попречат изнаоѓањето решение за состојбите во банкарскиот сектор, нагласувајќи дека ваквите постапки не треба да поминуваат без одговорност.
Како пример за политичко влијание врз финансискиот сектор, Мицкоски го посочи периодот од 2016 и 2017 година, кога во земјата имало техничка влада. Според неговите тврдења, тогашниот заменик-министер за финансии испраќал писма до странство со кои била попречувана емисијата на еврообврзницата. Мицкоски оцени дека слични постапки се случуваат и сега, обвинувајќи ја опозициската СДСМ дека повторно ја користи темата за банкарскиот сектор за политички цели.
Според него, воведувањето ново кривично дело би било механизам за спречување вакви случаи во иднина, односно за да се оневозможи политичарите да ги злоупотребуваат прашањата поврзани со банкарскиот сектор за дневнополитички пресметки.
СДСМ: Власта се обидува да ги замолчи критичарите
Од опозициската СДСМ, пак, обвинуваат дека власта се обидува да ги замолчи критичарите преку закани со кривичен прогон.
СДСМ обвини дека Мицкоски, со најавите за кривично гонење за наводни опструкции во банкарскиот сектор, се обидува да ја замолчи опозицијата поради скандалот со Алта банка и сопствената одговорност за нејзиното доаѓање во земјава.
Според партијата, најавите за санкционирање на ширењето информации поврзани со банкарскиот сектор претставуваат притисок врз опозицијата, која јавно ги отвора прашањата за состојбата со Алта банка.
Од партијата тврдат дека Мицкоски и гувернерот Трајко Славески ја загрозиле сигурноста на парите на граѓаните и банкарскиот систем, а сега, според нив, преку законски измени и кривични пријави сакаат да ги спречат критиките и да ја ограничат слободата на говорот.
„СДСМ нема да ја замолчиш“, порачаа од опозицијата, додавајќи дека Мицкоски и сите инволвирани ќе одговараат пред граѓаните и пред независно судство.