Алта банка немала забрана за работа во Европската Унија, туку била прекршочно санкционирана од австриските регулатори поради ненавремено пријавување на стекнат удел во Адико банка, тврди портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
На денешната прес-конференција тој ги обвини Венко Филипче и СДСМ дека ја изнесуваат информацијата дека Алта банка имала забрана за работа во ЕУ, оценувајќи ја како невистина.
Манасиевски појасни дека Алта банка поседувала 9,63 проценти од акциите во Адико банка, додека компанијата „Дипломат пеј“ купила удел од 9,99 проценти.
Според неговото образложение, во август 2024 година на двете компании им биле суспендирани гласачките права во Адико банка. Регулаторот утврдил дека „Алта пеј“ и „Дипломат пеј“ дејствувале заеднички како поврзани лица и заедно стекнале квалификуван удел од 19,62 проценти, без претходно да ги известат надлежните австриски и европски финансиски регулатори, што, како што рече, е законска обврска при надминување на прагот од 10 проценти.
„Токму ова е тој документ каде што Алта банка била прекршочно санкционирана“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека во декември 2024 година „Дипломат пеј“ ги продала своите акции на австриски инвеститор, по што во февруари 2025 година била укината суспензијата на гласачките права за „Алта пеј“ во Адико банка, бидејќи било констатирано дека повеќе нема заедничко дејствување меѓу двете компании.
„Да резимирам, Алта банка немала никаква забрана за работа од ЕЦБ, туку имала прекршочна казна од австриските регулатори, за ненавремено пријавување на купен удел над 10 проценти“, изјави Манасиевски.
Тој посочи дека банка на која ѝ е изречена забрана за работа од ЕУ не би можела да влезе на македонскиот пазар, па затоа, според него, немало можност да ѝ биде забранет влез на Алта банка.
„СДС и Филипче се фатени во лага, сè што кажаа излезе сосема спротивно. И за мигрантите, и за ИПАРД програмата и за пензиите, и за извештајот на Томас Вајц, лажеа и за водата во Скопје, а сега лажат и за Алта банка“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Манасиевски ги повика граѓаните да не веруваат на, како што ги оцени, невистините што ги пласира опозицијата за случајот со Алта банка.