Во Собранието денеска е закажан почетокот на амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2027 година, откако пратениците во изминатите денови го завршија општиот претрес во Комисијата за финансирање и буџет.
За предложената државна каса се поднесени повеќе од 300 амандмани. Преку нив пратениците предлагаат измени во распределбата на средствата пред буџетот да продолжи во следната фаза од собраниската постапка.
Седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет беше закажана за денеска во 11:30 часот. Според најавената динамика, комисиската расправа треба да трае вкупно десет дена, од кои четири беа предвидени за општ претрес, а шест за разгледување на амандманите.
Според предлогот на Владата, вкупните приходи за 2027 година се планирани на 395,4 милијарди денари, што е за 5,7 проценти повеќе во споредба со 2026 година.
Вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари, односно за 4,8 проценти повеќе во однос на годинава.
Разликата меѓу планираните приходи и расходи, односно буџетскиот дефицит, изнесува 45 милијарди денари. Тој е проектиран на ниво од 3,5 проценти од бруто-домашниот производ.