Премиерот Христијан Мицкоски најави дека наскоро ќе бидат соопштени позитивни информации за граѓаните во врска со работењето на финансиските друштва што одобруваат брзи кредити и прашањето за нелегалните агенции за наплата на долгови.
Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Делчево, Мицкоски истакна дека надлежните институции работат на ова прашање, но засега не сакаше да открива детали за конкретните мерки.
„Ќе имаме деновиве убава вест за граѓаните, кога станува збор за овие финансиски институции коишто се даватели на вакви услуги, односно брзи кредити“, изјави премиерот.
Тој посочи дека активностите се спроведуваат во координација со Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија и труд.
„Сега во овој момент би се воздржал од каков било коментар, но заедно со Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија и труд, многу скоро ќе ги информираме граѓаните со убава вест“, истакна Мицкоски.
Изјавата следуваше како одговор на прашањето до каде е постапката за донесување законски решенија поврзани со брзите кредити и работењето на нелегалните агенции за наплата.