Бугарските „ботови“ продолжуваат со заканувачки пораки до Томас Вајц, известувачот на ЕП за Македонија

Покрај тоа што, седумнаесетте бугарски европратеници испратиле „протестно“ писмо до Европскиот парламент, против извештајот на Вајц во кој се афирмира посебноста на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик, бугарското политичко подземје, на социјалните мрежи го објави телефонскиот број на австрискиот европратеник – известувач за Македонија. Па така, по одложувањето на гласањето за извештајот за Македонија, Вајц беше мета за закани на бугарските „активисти“ на социјалните мрежи, задолжени за „македонските работи“. Всушност повикот да му се пишуваат пораки на Вајц е од бугарската фондација „Македонија“ (која беше инволвирана во контроверзните случаи со отворање бугарски културни клубови во Македонија и во пописот во Албанија во регионот каде што живеат Македонци), која го објави и телефонскиот број на известувачот од Европскиот парламент.

Во една од пораките, бугарските ботови на англиски му пишуваат на Томас Вајц за „да не го судат за корупција во Белгија, да им служи на корумприраниот северномакедонски премиер Мицкоски и неговите платени агенти-провокатори од ОМО Илинден“. Според заканувачот, наводно Мицкоски признал дека сам го пишувал извештајот и дека белгиската полиција отворила истрага.

Од фондацијата „Македонија“ пак пишуваат отворено во пораките дека „Македонците ќе влезат во ЕУ само како Бугари“, а дека „Веќе се зборува за Вајцгејт и белгиската полиција ќе има многу работа“.

Според агилноста на бугарската пропагандна машинерија, јасно е дека одложениот период за гласање за извештајот на Вајц за Македонија (24 јуни), ќе биде максимално искористен од бугарска страна за осуетување на формулациите за посебноста на македонскиот идентитет и јазик.

Настаните околу Вајц и Европскиот парламент се тежок удар за Бугарија, бидејќи една европска институција тврди нешто што Софија никогаш не може да го проголта. Се најдоа во небрано, бидејќи нивната безобразна, нецивилизациска, антиисториска политика наиде на сериозна негација“, смета македонскиот дипломат, Ристо Никовски.

Сепак, Никовски порачува дека во целиот случај, ние, како македонска страна не треба да извлекуваме некои големи поуки, бидејќи овој случај во основата е шлаканица за Бугарија.

Ние не смееме врз основа на сето ова да заклучиме дека – ете, нам ни е признат националниот идентитет и македонскиот јазик. Такво нешто не треба да очекуваме од никого, зашто тоа би било одредено самонепочитување“, вели Никовски во контекст на перцепциите за целиот случај, кај нас, во Македонија.

Од друга страна, сепак сè уште е неизвесно каков ќе биде исходот со извештајот за Македонија, на 24 јуни.

Сè уште не е јасно како ќе заврши случајот во Стразбур и дали ќе поминат формулациите кои ги внесе Вајц во извештајот. Ако Вајц не успее, тоа ќе биде невиден срам за Европскиот парламент и Унијата во целина. Ако не помине извештајот, тоа ќе значи дека тие (ЕП и ЕУ) практично ќе застанат зад игнорирањето на еден народ и неговиот јазик во 21 век. Сè заедно, случајот е многу интересен и индикативен, со разни аспекти за бугарските безобразлуци во однос на Македонија“, вели амбасадорот Никовски, кој потсетува и на можноста што ја имаат македонските официјални политичари – да не го примат извештајот од европските институции, доколку успеат бугарските притисоци и закани за измена на формулациите за македонскиот идентитет и јазик.

Ј.П.

 

INFO