Парадата на гордоста во Скопје ќе се одржи на 21 јуни

Парадата на гордоста Скопје Прајд ќе се одржи на 21 јуни под слоганот „Ќе (оп) стоиме заедно!“, информираше Националната мрежа против хомофобија и трансфобија. Годинава ќе биде организирана како протестен марш по скопските улици, без јавна програма и забава. Причината за тоа, посочуваат организаторите, се негирањето на идентитетот и постоењето на ЛГБТ заедницата. Појдовна точка и годинава ќе биде паркот „Жена-борец“, каде во 18 часот ќе започне собирањето на учесниците, а во 19 часот по кратките поздравни говори ќе започне протестниот марш по скопските улици.

„Оваа година, маршот на Скопје Прајд добива нова рута – симболично и буквално. Ова не е прослава – ова е протест. Во изминатите месеци, видовме како образовниот систем го брише секое спомнување на нашите идентитети, нашите приказни, нашето постоење. Зголеменото насилство, омразата и исмевањето во училиштата не се случајни – тие се последица на институционален срам и молк. Наместо заштита, образовните политики нудат невидливост. Наместо грижа – негирање. И токму затоа ќе застанеме пред ова Министерство, гласни и непокорни – затоа што младите заслужуваат подобро. Затоа што животите на квир учениците вредат“, порача на денешната прес конференција, Стефан Петровски, активист.

Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права посочи дека во периодот на оджувањето на Парадата на гордоста, секоја година се соочуваат со сериозен говор на омраза.

„МВР го следи говорот на омраза, а ќе ги следиме и ние сите овие појави и ќе известуваме за сите случувања. Секоја година Министерството за внатрешни работи покажува високо ниво на професионалност во обезбедувањето на учесниците на Прајдот, полициските службеници успеваат да не предизвикаат страв и тензија кај учесниците“, кажа Пировска.

INFO