Учесниците на Парадата на гордоста „Скопје Прајд“ побараа „смрт за фашизмот, слобода за народот”

Парадата на гордоста „Скопје Прајд“ се одржа вечерта на 21 јуни под слоганот „Ќе (оп) стоиме заедно!“ во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

Како што беше најавено, годинава беше во форма на протестен марш по скопските улици, без јавна програма и забава. Според организаторите, причина за тоа  се негирањето на идентитетот и постоењето на ЛГБТ заедницата.

Нивните ставови беа објавени пред протестот преку Манифестот на Парадата на гордоста, преку спротиставување на „ мизогинијата и на хетеропатријархалната демографска хистерија којашто се промовира од највисоките ешалони на власта“ и бирократски „пропусти“ како двегодишното влечкање на Законот за правно признавање на родот. Беше искажана поддршка за трансродовите луѓе „коишто се мета на оркестриран напад од страна на анти-родовите здруженија што сеат морална паника, страв и омраза преку противнаучни и изманипулирани информации“ и за народот на Палестина, како реакција на одбивањето на Владата да ја поддржи неодамнешната резолуција на ООН за Газа.

Маршот започна во 19 часот од паркот „Жена-борец“ со кратки поздравни говори кои предупредуваа на опасноста од растечкото движење против демократијата, човековите права и родовата еднаквост, барајќи „смрт за фашизмот, слобода за нас, за народот“.

„Потсетуваме дека и во добри и во лоши времиња, заедништвото е најсилната стратегија притив насилнчките, екстремно десни, фашистички коалиции. Заедништвото не е флоскула, туку споделување ресурси, грижа простор и време. Уште повеќе тоа е активна борба за враќање на трудот, знаењето, телото и времето назад од канџите на властодршците што сѐ ни земаа а ништо не ни вратија. Не сакаме асимилациска инклузија во нормите на расистичкиот патријахален, колонолистички и екоциден капитализам, претставен како единствениот можен свет, каде грижата ни се претвори во луксуз, здравјето во привилегија, а слободата во маркетинг-стратегија. Инсистираме на нивно отфрлање“, порача една од говорничките.

Парада на гордост во Скопје, 21.06.2025. Фото: Мета.мк.

Потоа, носејќи големо знаме со боите на виножитото, неколкуте стотици учесници се движеа по улиците „Димитрие Чуповски“, бул. „Св. Климент Охридски“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“ со застанување пред Министерството за образование. Потоа се упатија по улицата „Френклин Рузвелт“ и бул. „Илинден“ до седиштетото на Владата на Република Северна Македонија.

Додека чекореа по скопските улици, учесниците скандираа „постоиме!“ и „ќе опстоиме!“. Тие извикуваа и пароли како „смрт на фашизмот“,  „правда за Кочани“ и „Жени, живот, слобода!“. Исто така можеше да се слушнат и скандирања за поддршка на Палестина, додека десетина учесници вееја и палестински знамиња.

Парада на гордост во Скопје, 21.06.2025. Фото: Мета.мк.

Забележително беше и присуство на левичарски активисти кои извикуваа слогани поврзани со традициите на социјалистичката интернационала на разни јазици или нивни македонски верзии, како „Народот обединет нема да биде победен!“  – превод на шпанскиот слоган од чилеанска револуционерна песна (¡El pueblo unido jamás será vencido!).

Пред Министерството за образование и наука, мајка на трансродово дете со краток говор се обрати до министерката барајќи институциите не ги сегрегираат и дискриминираат ниту децата со попреченост, ниту децата со различна сексуална ориентација или родов идентитет.

„Не може да ги тргнете ЛГБТИ децата во ресурсни центри како што ги отстранувате децата со попреченост, па ги препуштивте на силеџиството од учениците и наставниците. Директорот на училиштето во кое учи моето трансродово дете јавно се радуваше и ликуваше на трансфобичните политики на Трамп, па ќерка ми го искритикува за изјавите. Наместо да сноси одговорност, вашите политики министерке му овозможија да покажува надмоќ“, порача мајката.

Парада на гордост во Скопје, 21.06.2025. Фото: Мета.мк.

Во текот на протестот, учесниците носеа транспаренти со многу различни написи, како „Љубовта е премногу убава да биде скриена во плакар“, „Љубовта е бесмртна, а не неморална“ и „Оставете ја љубовта да живее“.

Дел од транспарентите се однесуваа на проблемите со насилството како „Ќе преживеат ли жените овде?“ и општествените услови, барајќи „Смрт на фашизмот, слобода на народот“ и посочувајќи „Ние сме новото сонце на слободата“.

Парада на гордоста, која по 6. пат се одржува во Скопје. Фото: Мета.мк.

На протестот имаше и транспаренти кои се однесуваа на поддршка на Палестина, како  „Нема гордост во геноцид, никој од нас не е слободен ако не сме сите слободни“, „Молчење = смрт“ и „Против-капиталистичка парада против христо-фашизмот“. Меѓу другото имаше и транспарент со кој се искажуваше поддршка за народот на Србија, со натпис „ЛГБТКју-плус против Литиум“.

Парада на гордост во Скопје, 21.06.2025. Фото: Мета.мк.

Протестот беше дел од низата јунски настани поврзани со квир културата меѓу кои беше фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ и панел-дискусијата „Разоткривање на родово базирани дезинфо наративи преку квир литературата“.

INFO