Од 26. до 28. јуни, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ), ќе се одржи седмото издание на „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ). Тридневната ревија ќе понуди богата програма од најновите македонски кратки, документарни и долгометражни филмови, а влезот за сите проекции е бесплатен.
Иницирана како дел од стратешката програма за афирмација на филмската уметност и поддршка на домашната продукција, филмската ревија „Златна рамка“ се етаблира како еден од клучните настани во македонската културна сцена. Со своето седмо издание, ревијата ја продолжува својата мисија – да ја претстави актуелната продукција транспарентно и критички, да ја доближи до домашната публика и медиумите, како и да придонесе кон унапредувањето и квалитетот на македонската кинематографија преку стимулирање на продукциската и креативната динамика во индустријата.
„Златна Рамка“, покрај тоа што е филмска ревија, претставува и платформа за професионален дијалог, каде филмските автори, продуценти и актери дискутираат за релевантни прашања, ги споделуваат своите достигнувања и остваруваат соработки.
Особено значајно е што овогодинешното издание на „Златна рамка“ се совпаѓа со јубилејот – 75. години од основањето на Друштвото на филмски работници на Македонија – здружение што има витално значење за развојот и заштитата на македонската кинематографија од нејзините почетоци до денес. Од своето основање, ДФРМ претставува глас и поткрепа за сите професионалци во домашната филмска индустрија.
„Златна рамка“ ја симболизира основната кинематографска единица, рамката, и на симболичен начин ги обединува творештвото, критиката, традицијата и современоста во македонскиот филм. Со секое ново издание, ревијата ја афирмира својата важност како двигател на културен дијалог што ги надминува жанровските, лингвистичките и културните граници.
Во рамки на тридневната програма, присутните може да очекуваат да уживаат во програма со различни долгометражни филмови, кратки и документарни филмови од најновата македонска филмска продукција.
ПРОГРАМА
Краткометражни филмови: