Претседателот на САД Доналд Трамп бара прекин на судскиот процес против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Претседателот на САД, Доналд Трамп, побара Израел да го поништи судењето за корупција против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху или да му биде доделена амнестија, нарекувајќи го случајот против него „лов на вештерки“, објави Ал Џезира.

Трамп го објави неговото барање во средата преку неговата платформа Трут Соушал, посочувајќи дека Нетанјаху, негов близок сојузник, заслужува поинаков третман поради неговиот придонес за државата Израел.

„Судењето на Биби Нетанјаху треба веднаш да биде поништено или да му се даде амнестија на овој голем херој, којшто направи толку многу за државата“, напиша Трамп, користејќи го прекарот на израелскиот лидер. Тој додаде дека дознал оти Нетанјаху треба да се појави на суд во понеделник.

„Таков лов на вештерки кон човек што толку многу дал, за мене е незамисливо“, додаде Трамп.

Судењето против Нетанјаху започна во 2020 година и се однесува на три случаи поврзани со обвинувања за мито, измама и злоупотреба на функцијата. Нетанјаху ги негира обвинувањата и се изјасни за невин.

Според израелските медиуми, вкрстеното испрашување на Нетанјаху започна на 3 јуни во судот во Тел Авив и се очекува да трае околу една година.

Претседателот на Израел, Исак Херцог, има уставна можност да додели амнестија, но, како што јавуваат медиумите, тој изјавил дека „во моментов тоа не е опција“, додавајќи дека „не е поднесено такво барање“.

Во истата објава, Трамп истакна: „САД го спасија Израел, а сега САД ќе го спасат Биби Нетанјаху“.

Сѐ уште не е јасно што би можел Трамп или американската влада конкретно да направат за да го сопрат судењето на израелскиот премиер.

Изјавата на Трамп доаѓа еден ден по неговата невообичаена јавна критика кон израелскиот лидер поради израелските напади врз Иран веднаш по постигнатото примирје.

„Израел, веднаш штом го направивме договорот, излезе и фрли бомби како никогаш досега. Тоа беше најголемото бомбардирање што сме го виделе. Не сум задоволен од Израел“, изјави Трамп за новинарите.

За конфликтот меѓу Иран и Израел, тој рече дека „толку долго и толку жестоко се борат што веќе ни самите не знаат што прават“ користејќи притоа и пцовка.

INFO