ОМО Илинден-Пирин и ЕФА: Не се штитат основните европски вредности

Во реакцијата на ОМО Илинден-Пирин се вели дека се обиделе да го свртат вниманието на европските парламентарци и на тоа што Бугарија го прави со македонското малцинство во Бугарија.

„Тоа беше еден месец на засилено лобирање во кое ги вложивме сите наши сили и скромни можности. Во процесов ние ја имавме целата поддршка на ЕФА на која специјално ѝ се заблагодаруваме. За несреќа егоистичките интереси повторно преовладаа, но борбата продолжува и правдата ќе победи!  Македонската нација и нејзините малцинства се тука за да опстанат, независно од сите назадни негатори во соседството“, се вели во реакцијата на ОМО Илинден-Пирин по денешното усвојување во Европскиот парламент на Извештајот за Македонија. Амандманите за бришење на „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ беа поднесени од европратениците на Европската народна партија (ЕПП), на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и на либералната група „Да ја обновиме Европа“.

Реагираше и Европската слободна алијанса (ЕФА), партија која ги застапува малцинствата во Европскиот парламент во Брисел.

„Разочарувачки е исходот од денешното гласање во Европскиот парламент за пристапувањето на Република Македонија во ЕУ. Иако европските пратеници го поддржаа продолжувањето на пристапните преговори, тие не успеаја да го поддржат признавањето на македонскиот идентитет. По огромниот бугарски притисок, Европскиот парламент ги прифати амандманите презентирани од европратениците од ЕПП, СД и Да ја обновиме Европа, со кои се отстрануваат сите референци за македонскиот идентитет, култура или јазик.

Уште еднаш, големите партии на ЕУ не успеаја да дејствуваат во претставувањето на оние гласови што не се слушнати. Со попуштањето на националистичките интереси на Бугарија, ЕУ, предводена од мнозинските партии, не успева да ги заштити малцинските права на македонската заедница во сопствените граници: особено македонското малцинство во Бугарија, кое се соочува со сериозна дискриминација и целосно отсуство на признавање. Не успева да ги заштити основните европски вредности“.

Претседателката на ЕФА, Лорена Лопез де Лакале, изјави: „Нацрт-извештајот правилно го потврди признавањето на македонскиот идентитет и јазик од страна на ЕУ и нивната важност за процесот на пристапување во ЕУ, заснован на доверба и соработка. Но, потоа големите партии соработуваа за да го отстранат. Отстранувањето дури и на симболичното признавање на македонскиот идентитет и јазик испраќа опасна порака дека идентитетот е предмет на преговори за пристапување во ЕУ. Тоа ја легитимира злоупотребата на позицијата на Бугарија за вршење притисок врз држава-кандидат и сигнализира толеранција кон политиките што ги кршат основните европски вредности.“

INFO