Милорад Додик разрешен од функцијата претседател на Република Српска по потврдената затворска казна

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина го разреши Милорад Додик од функцијата претседател на Република Српска, откако Апелациониот суд потврди пресуда со која му се изрекува едногодишна затворска казна и шестгодишна забрана за политичка активност, објави агенцијата Асошиејтед прес.

Комисијата соопшти дека Додик има право на жалба, а предвремени претседателски избори ќе бидат распишани 90 дена по правосолноста на одлуката. Последните избори за претседател на Република Српска беа одржани во 2022 година.

Адвокатите на Додик најавија барање за привремена мерка за одложување на извршувањето на пресудата и жалба до Уставниот суд на Босна и Херцеговина.

Пресудата против Додик беше потврдена во петокот, кога Апелациониот суд го потврди решението на понискиот суд, односно казна затвор од една година и шест години забрана за извршување политички функции. Со тоа, неговиот мандат како претседател на Република Српска е формално поништен.

Но, Додик ја отфрла пресудата и најави дека ќе продолжи да се однесува како легитимен претседател сè додека има поддршка од Народното собрание на Република Српска.

„Ќе продолжам да ја извршувам функцијата претседател затоа што ја имам поддршката на парламентот“, рече Додик, кој воедно ужива поддршка од српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Владата на Република Српска во изјава соопшти дека „не ја прифаќа судската пресуда бидејќи е неуставна и политички мотивирана“.

„Во секој случај, не можеме да го ставиме зад решетки, тоа е невозможно“, изјави претседателот на парламентот на Република Српска, Ненад Стевандиќ. „Не можеме да му забраниме политичка активност. Што работеше досега, ќе продолжи да го работи и понатаму“, додаде тој.

Од Европската унија, пак, порачаа дека „пресудата е обврзувачка и мора да се почитува“. Унијата потсети дека Босна и Херцеговина, како кандидат за членство, мора да го зајакне владеењето на правото.

Сепаратистичките и проруските ставови на Додик досега повеќепати го забавуваа приближувањето на земјата кон ЕУ. Тој повеќепати повикуваше на отцепување на Република Српска и нејзино приклучување кон Србија, што доведе до санкции од страна на САД и обвиненија за корупција.

Политичките закани на Додик за отцепување предизвикуваат сериозни грижи во земјата, особено имајќи предвид дека војната во Босна од 1992 до 1995 година започна токму кога босанските Срби се побунија против независноста од поранешна Југославија, обидувајќи се да формираат мини-држава со цел приклучување кон Србија. Во таа војна беа убиени околу 100.000 луѓе, а милиони беа раселени.

Воениот конфликт беше завршен со Дејтонскиот мировен договор, спонзориран од САД, со кој беше воспоставена државната структура на денешна Босна и Херцеговина: две автономни единици, Република Српска и Федерацијата Босна и Херцеговина кои делат заеднички институции како армија, врховен суд и даночна управа.

Претседателството на државата е составено од тројца членови: Бошњак, Србин и Хрват кои ротираат во функцијата.

Додик често влегуваше во судир со високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, чии одлуки ги прогласуваше за неважечки во Република Српска. Според Дејтонскиот договор, високиот претставник има овластување да наметнува закони и да разрешува избрани и именувани функционери.

INFO