Арсовска не одговара на прашања на медиумите, а се жали на еднострано информирање за нејзината работа

Најмногу жалби, четири, Арсовска поднела против неделникот Фокус и порталот на овој медиум Фокус.мк, а најмалку, по една против весникот Вечер и неговиот портал Вечер.мк, по што следуваат порталите Вечерпрес.мк, Република.мк, Лидер.мк, Независен.мк, Фактор.мк, Локално.мк, Булевар.мк, а една жалба има и против телевизија Алфа. За четири години Арсовска преку Град Скопје поднела и три жалби против нашиот портал МКД.мк и сите три се отфрлени како неосновани.

Најчеста причина за жалбите на Арсовска е се за неточно и нефер известување, на мешање на факти и мислења, вест со коментар, незастапена втора страна, нарушување на приватноста и на пристрасност и неурамнотеженост во информирањето. Втора најчеста причина е, како што тврди во жалбите Арсовска, необјавувањето на демантите што ги испраќала до медиумите на кои се жали.

За јавните претпријатија под капата на Арсовска виновни ѝ се другите

На 25 мај годинава порталот СДК.мк објавил текст во врска со пречистителната станица во Скопје со наводи дека иако станицата требало да проработи во 2025 година истата не само што не е готова, туку не се знае ни дали ќе се гради.

Ова не ѝ се допаднало на Арсовска, па се жалела за неточно и нефер известување, за мешање на факти и мислења, вест со коментар, незастапена втора страна, нарушување на приватноста и на пристрасност и неурамнотеженост во информирањето.

Во жалбата, меѓу другото навела дека тврдењато во текстот дека „со доаѓањето на Данела Арсовска на градоначалничка функција проектот беше закочен, за што наводно имале забелешки европските банки“, се неточни, невистинити, паушални и тенденциозни, бидејќи, како што навела во жалбата Арсовска, градоначалникот на Град Скопје не е инвеститор, ниту нарачател на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води.

„Напротив нарачател и промотор на проектот е Министерстовот за животна средина и просторно планирање заедно со јавното претпријатие (ЈП) Водовод и канализација Скопје, па не е јасно како порталот утврдил дека градоначалникот на Град Скопје го закочи проектот“, пишува во жалбата на Арсовска.

Таа до медиумот упатила и демант кој бил објавен, ама, како што се жали Арсовска, не интегрално.

СДК.мк ја отфрлил жалбата на Арсовска со образложение дека порталот испратил прашања до кабинетот на градоначалничката, но, навел порталот, како и во целиот мандат на Арсовска, одговор на прашањата не добил. СДСК.мк не добиле одговор ниту од директорот на ЈП Водовод и канализација Тони Миновски кој не одговорал на телефонските повици на новинарите.

Поради сето ова СЕММ ја отфрлил жалбата на Арсовска како неоснована затоа што утврдил дека СДК.мк известувал за статусот на капитален инфраструктурен проект, што претставува тема од исклучително висок јавен интерес.

„Во текстот јасно се укажува дека новинарката испратила прашања до кабинетот на градоначалничката и до директорот на ЈП Водовод и канализација, но не добила одговор. Со тоа, медиумот ја исполнил обврската да ја побара втората страна. Отсуството на одговор не може да се толкува како неетичко известување – токму спротивното, тоа ја покажува неотчетноста и нетранспарентноста во комуникацијата на институциите со јавноста, за што и самиот медиум дава критика. Во таа смисла, доказ е и тврдењето на жалителот дека станува збор за прашања за кои не можел да одговори во краткиот рок – прашањата биле поставени во петок, но жалителот за тоа не го информирал медиумот. Сепак, веќе во недела жалителот во демантот ги наведува сите побарани одговори. Понатаму, во жалбата се наведува дека медиумот не објавил интегрален демант. Сепак, на следниот ден по објавувањето на спорниот текст, Сакамдакажам.мк објавува нов текст во кој детално ја опишува реакцијата на Арсовска и на директорот на Водовод, притоа цитирајќи делови од испратениот документ. Со тоа, суштински, медиумот овозможил простор за ставот на другата страна“, се наведува во одлуката на СЕММ.

Идентичен е и случајот со текстот на  порталот Плусинфо.мк кој на 13 мај годинава пренел делови од интервју на градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески кој меѓу другото изјавил дека Арсовска ја затрула општината со ѓубре. И овде Арсовска сметала дека порталот известувал неточно, ги измешал новинарските жанрови и бил пристрасен. Исто како и во претходниот случај, Арсовска „вината“ за ѓубрето во Општина Аеродром ја префрла на друга адреса.

„Градоначалникот на Град Скопје не е менаџер, ниту директор на ЈП Комунална хигиена, а насловот содржи обвинувања креирани од порталот, а извадени од контекст на изјавата на градоначалникот на Општина Аеродром. Сметаме дека порталот врши неточно и нефер изветување, објавена е содржина без претходно да биде проверена, а не е застапена ниту втората страна односно не е побарана изјава од градоначалникот на Град Скопје… До порталот е поднесен демант и барање за јавно извинување кое чекаме дали ќе биде објавено“, напишала Арсовска во жалбата до СЕММ.

Мнозинството од членови на Советот за етика во медиумите и во овој случај ја отфрлиле жалбата како неоснована затоа што порталот Плусинфо објавил вест извадена од интервју на градоначалникот на Аеродром кое интервју било дадено за друг медиум.

„Делот од интервјуто што е пренесен на Плусинфо.мк не е спорен од етички аспект, дека в.д. градоначалникот е цитиран правилно и со прецизно наведување за тоа дека исказот е дел од негово гостување на друг медиум. Всушност, Плусинфо.мк одбрал дел од интервјуто што од уреднички аспект го сметал за интересен и го пласирал до своите читатели. Што се однесува до делот од жалбата за упатениот демант и барање за извинување, комисијата едногласно констатираше дека таа обврска може да се смета за исполнета од страна на Плусинфо.мк, бидејќи истиот ден е објавен демант од ЈП Комунална хигиена – Скопје, а веќе по два дена и демантот упатен од градоначалничката Арсовска, па оттука не е прекршен членот 3 од Кодексот кој го регулира ова прашање“, се наведува во одлуката на СЕММ.

На Арсовска не ѝ се допаѓа ниту целосно основаното пишување на МКД.мк

Од трите жалби што Град Скопје ги поднел до Советот за етика во медиумите, а се против нашиот портал МКД.мк, Советот сите три ги одбил како неосновани со образложение дека информациите кои ги објавува МКД.мк не oтстапуваат од професионалните и етичките стандарди при известувањето.

Така е и со темата „Се бараат стручни лица за спроведување на активностите Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“ за која Град Скопје нема никакви забелешки, но сепак се жали зошто нашиот портал објавил фотографија која на Градот не му се допаѓа.

„Текстот не е спорен. Текстот е коректен и во него се запазени основните новинарски стандарди и правила. Посочен е и линк до оригиналната вест. Но не може во еден текст за отворен јавен повик каде треба да се информираат и пријават, читателската јавност да се става фотографија со контејнери полни ѓубре“, се наведува во пријавата.

Ниту предупредувањето од официјален Брисел дека Скопје може да ја изгуби номинацијата за Европска престолнина на културата за 2028 година, а за што пишуваше МКД.мк не беше по ќејф на градската администрација.

„Тврдењата дека Градот Скопје не направи значителен напредок во исполнувањето на директивите наведени од Европската комисија во изминатите 15 месеци, како и тврдењата на извесен Илија Вучков кои се пренесени, се неточни, манипулативни и шпекулативни. Сметаме дека порталот врши неточно и нефер известување, не е застапена втората страна, односно не е побарана изјава од Град Скопје и со тоа е прекршен член 1 од Кодексот“, пишува во дел од пријавата.

Сепак, СЕММ оцени дека текстот е информативен, односно станува збор за вест за иницијатива на граѓански активист за одземање на ингеренциите за спроведување на обврските за манифестацијата на актуелната градоначалничка Данела Арсовска и нејзиниот тим којшто работи на оваа задача.

„Комисијата, исто така, сметаше дека во овој случај медиумот можел, но и немал потреба да бара мислење од Градот, бидејќи фокусот во текстот е ставен на иницијативата на активистот и уште повеќе на мониторинг извештајот, кој што пак дополнително е линкуван за да може јавноста да се информира подлабоко и со детали, доколку е заинтересирана. Од тука, Комисијата со мнозинство гласови оцени дека нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија или на Насоките за известување во онлајн медиумите, документ на СЕММ“, се наведува во образложението на одлуката на СЕММ.

Во третиот случај пак, Град Скопје се жалеше на на неточно и нефер известување, за текстот со наслов „Македонските градови почнуваат да блескаат во празничен сјај, Скопје сé уште е мрачно и тажно“.

„Комисијата оцени дека текстот е информативен напис, вест, при што е направена и споредбена анализа со некои други градови во земјата. Всушност, текстот се осврнува на украсувањето на другите градови, а градот Скопје се споменува само за споредба на крајот од текстот. Насловот на текстот е новинарско и уредничко интерпретирање на фактите и тој, иако е критичен, е во рамките на приложените факти и не отстапува од професионалните и етичките стандарди. Комисијата, исто така, смета дека во овој случај и немало потреба да се бара мислење од Градот бидејќи станува збор за оценка од самото место на известување и имаше предвид дека во моментот кога е пишуван текстот Град Скопје сé уште немаше ниту една јавна информација за плановите за украсување на градот и за прославата за Нова Година. Воедно, Комисијата имаше предвид дека медиумот го објавил демантот и приложил и друг текст како одговор на демантот со повеќе фотографии со кои ја констатира фактичката состојба. Од тука, Комисијата едногласно оцени дека нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија или на Насоките за известување во онлајн медиумите, документ на СЕММ“, пишува во одлуката на СЕММ.

Основаните жалби се за истражувања за сомнежи за корупција кај Арсовска

Што се однесува до основаните жалби на Арсовска тие најчесто се однесуваат на тоа што медиумите, покрај тоа што известувале еднострано, како што вели градоначалничката, тие не објавувале нејзини деманти на текстовите за кои таа сметала дека ги прекршува новинарските стандарди, иако во одговорите на медиумите испратени до СЕММ експлицитно се наведува дека на Арсовска уредно ѝ биле праќани прашања, била повикувана на интервју, но таа останала глува на повиците. Најчесто станува збор за теми за кои се пишува за можна инволвираност на Арсовска во корупција или за нејзиниот делокруг на работа.

Таков е примерот со истражувачката сторија објавена во онлајн медиумот Фокус.мк со наслов „Се проширува ланецот на старски домови во семејството на градоначалничката Арсовска, нов петти дом за стари лица во Петровец“, при што таа се жали на неточно и нефер известување, незастапена втора страна, нарушување на приватност и на неурамнотеженост во информирањето.

Во одговорот од авторот на сторијата се наведува дека неделникот имал објавено преку 20-тина текстови на таа тема поткрепени со веродостојни податоци и дека испратиле барање за одговор до градоначалничката Арсовска.

„Официјалната документација од Катастарот за недвижности што ја обезбедивме покажува дека нејзиниот татко поседува куќи, згради, старски домови… Дел се на негово име, од дел од фирмите е излезен и неговото име не фигурира никаде, а дел од недвижниот имот што го поседува го дава и под закуп. Сепак, историјатот на промени покажува дека поседувал бројни фирми, од кои со тек на годините постепено излегува. Исто така, располагаме со сите имотни листови на сé што поседува семејството на актуелната градоначалничка Арсовска, меѓу кои се и старските домови, за што убаво е објаснето во текстот. Не е точно дека не била побарана втората страна. Како и секогаш досега е испратен официјален меил до Град Скопје со прашања, меѓутоа во последните три години за сé што е пишувано и е побарано нејзин коментар, таа ниту еднаш не нѐ удостоила со одговор. Досега ѝ се испратени преку 30 мејлови со прашања, а претходно и на нејзиниот мобилен телефон, но ниту еднаш не сме добиле одговор. Исто така, испратени и се покани и за интервју, кои цело време се игнорираат“. се наведува во одговорот од Фокус.

Сепак од СЕММ нашле дека од медиумот бил прекршен член 1 од Кодексот на новинарите на Македонија.

И.О.

INFO