Палестинската милитантна група Хамас вчера го отфрли планот на Израел за преселување на жителите од градот Газа и изјави дека тоа претставува нов бран на геноцид и раселување за стотици илјади жители во областа.
Израелската војска изјави дека се подготвува да обезбеди шатори и друга опрема почнувајќи од вчера со оглад на нејзиниот план за преместување на жителите од борбените зони на југот од енклавата за да се осигури нивната безбедност.
Групата изјави дека планираното распоредување шатори и друга опрема за засолниште од страна на Израел во јужна Газа е очигледна измама.
Хамас во соопштението изјави дека распоредувањето шатори под маската на хуманитарни цели е очигледна измама наменета да прикрие брутален злостор што окупаторските сили се подготвуваат да го извршат.
Израел претходно овој месец изјави дека има намера да започне нова офанзива за преземање на контролата врз северниот дел на градот Газа, најголемиот урбан центар на енклавата. Планот предизвика загриженост во меѓународната јавност за судбината на областа во која живеат околу 2,2 милиони луѓе.
Војната започна кога Хамас го нападна јужен Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи 251 заложник, според израелските власти. Се верува дека околу 20 од преостанатите 50 заложници во Газа се се уште живи.
Во последователниот воен напад на Израел против Хамас загинаа над 61.000 Палестинци, соопшти Министерството за здравство на Газа. Исто така, тоа предизвика криза со глад, внатрешно раселување на поголемиот дел од населението на Газа и голем дел од енклавата ја остави во урнатини.