Новиот Правилник за изборите ќе донесе збунети гласачи, многу работа за ДИК и удар врз буџетот, предупредуваат експертите

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека воведувањето на праг за тоа кој може да се кандидира на избори не е нелогичен и треба да постои, но сепак, вели тој, воведувањето на ограничувањето доаѓа на само два месеци пред изборите што е многу доцна.

„Кога Уставен суд го укина ограничувањето за собирањето потписи остана на сила член 60 од Изборниот законик, но ја исклучи потребата од собирање потписи. Мнозинството проба, но не успеа да воведе ограничувања во Собранието. Тоа значи дека според член 60 од Изборниот законик одговорноста за потврдување на субјективитетот на кандидатите е кај Државната изборна комисија (ДИК) која донесе одлука дека со два потписи заинтересираните ќе може да се кандидираат со два собрани потписи. Со  ова ДИК ги пушти сите што ќе посакаат да се кандидираат, но со тоа го комплицира изборниот процес. Сепак, тоа е помала штета отколку ако беше воведен изборен праг со што некои од граѓанските иницијативи нема да можеа да соберат доволен број потписи бидејќи за изборниот пеоцес важи правилото подобро е да пуштитш пвеќе отколку помалку. Сметам дека прагот од еден процент собрани потписи како услов да се кандидираш на избори не е нелогичен, но дојде толку доцна што можеше да се случи да се прекрши основното право да бидеш биран. Тоа не се прави на два месеци пред избори туку најмалку една година порано“, вели Арсовски.

Според него, новиот Правилник на ДИК нема да смени ништо.

„Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе доминира, а кај Албанците ќе биде интересна борбата помеѓу ДУИ и Вреди. Затоа сметам дека ДУИ гласаше против предлогот да се воведе праг од 0,95 проценти собрани потписи“, вели Арсовски.

И потпретседателот на Собранието и пратеник Антонио Милошоски смета дека зад сето ова стои ДУИ, а целта на промената е да се создаваат изборни компликации.

„Не би ме чудело доколку биде ангажирана и специјална партиска логистика која ќе има задача да предизвика хиперинфлација на кандидати за советници и за градоначалници. Ова е масло на ДУИ. Целта е да се внесе несигурност и да се предизвика политичка криза. Партијата на Али Ахмети очигледно решила да создава изборни компликации. Не би ме чудело доколку биде ангажирана и специјална партиска логистика која ќе има задача да предизвика хиперинфлација на кандидати за советници и за градоначалници. На тој начин планираат да ја отежнат работата на Државната изборна комисија, како и да се искомплицира работата на медиумите затоа што секој кандидат ќе треба да добие подеднакво медиумско внимание како и останатите.

Милошоски предупредува на уште еден проблем кој е повеќе од техничка природа, но дополнително ќе ја испразни државната каса.

„Дополнително, ќе се изврши и удар врз буџетот затоа што секој освоен глас на независен кандидат на изборите се плаќа 45 денари. Во секој случај, нѐ очекува бурен и тензичен период“, вели Милошоски.

Поради сето ова граѓанската иницијатива Шанса за Центар и денеска повторно најави дека ќе продолжи со собирање потписи за основање на политичката платформа Независни заедно. Воедно, оттаму ги повикаа сите организирани групи од Македонија да се приклучат, а сите граѓани на Македонија, доколку сакаат да им дадат поддршка оваа недела. Уште еден проблем што се отвораа со новиот Правилник на ДИК е тоа што во случај да се пријават стотици кандидати, гласачките ливчиња ќе бидат непрегледно долги поради што може да дојде до забуна помеѓу гласачите.

„Правилникот на ДИК ќе важи само за овие избори. Не сакаме повеќе неизвесност ‘пет до дванаесет’. Ќе продолжи примената на членот од законот според кој независните групи ќе бидат претставени само со имињата на носителите на листите, наместо со називот на групата, односно ќе стои ‘група избирачи’ и името и презимето на носителот на листата. Ова отвора можност да се појават слични имиња со цел да се создаде забуна кај гласачите. На пример, Билјана Ивановска и Биљана Ивановска. Ова веќе се случувало на претходни избори. Постои можност наместо јасна листа за гласање, да добиеме тетратка со голем број имиња, каде партиите ќе бидат најгоре, а под нив ќе следат долги списоци со имиња. Исто така, пристапот до медиумите, избирачкиот список и другите ресурси со кои располагаат партиите останува непроменет. Нерамноправноста продолжува“, велат од Шанса за Центар.

Нешто слично, на што предупредуваат и Арсовски и Независни заедно се случи на парламентарните избори во 2008 година кога до Државната изборна комисија беа поднесени листи на кандидати од различни партии, но со сосема исти или слични имиња што внесе забуна и во ДИК, а особено помеѓу гласачите. Бранко Јаневски од Социјалдемократската партија (СДПМ) поднесе листи со слични имиња како кандидатите на СДСМ, па на тогашните избори во иста изборна единица се соочија Радмила Шекеринска од СДСМ и Рада Шекеровска од СДПМ, Зоран Заев од СДСМ и Зоран Зашев од СДПМ, Игор Ивановски од СДСМ, со Игор Ивановски од СДПМ, Јован Манчевски од СДПМ му се спротивстави на Јован Манасиевски од „Коалиција за Европа“ предводена од СДСМ, а Јанис Макрис од СДПМ на Јани Макрадули од СДСМ.

ДИК вчера донесе нов Правилник според кој два потписи од двајца избирачи ќе бидат потребни за да можат независните кандидати за советници и градоначалници да учествуваат на претстојните локални избори.

Правилникот го предложи членот на ДИК, Александар Даштевски повикувајќи се на членот 63 од Изборниот законик кој како што рече не е укинат, а ја регулира постапката за собирање потписи за предлагање кандидати, иако членот 62 кој се однесува на локалните избори Уставниот суд го укина.

„Врз основа на член 63 став 3 собирањето потписи во постапката на кандидирање согласно одредбите на Избирниот законик почнува 10-от ден од денот на распишувањето на изборите и трае 15 дена. Кога подносител на листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник е група избирачи. Потребно е предлогот на кандидатската листа да го потврдат пред подрачните одделенија или регионални канцеларии на ДИК со важечки документи за личен идентификација, со адреса на живеење на соодветна општина за која се поднесува соодветна кандидатска листа и притоа за поддршка на истата на пропишан образец да бидат потпишани најмалку два избирачи“, рече Даштевски образложувајќи одредби од новиот Правилник, откако стариот беше ставен вон сила бидејќи Уставниот суд укина два члена од Изборниот законик.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко истакна дека има спротивно мислење од  Даштевски од процедурално правен карактер, но оти сепак тој и неговиот колега Оливер Ристовски ќе гласаат за правилникот.

Со предложениот Правилник за собирање потписи кој предвидува да се евидентираат најмалку два потиси во подрачните одделенија за кандидирање на група избирачи. Членот 60 од Изборниот законик дирекно го утврдува, предвидува и дава правото на учество на група избирачи да поднесат листа и да учествуваат на изборите, но, без собирање потписи. Ова од причина што Уставен суд ги укина одредбите за бројот на собрани потпис предвидени во членот 62. Во таа насока не го прифаќам образложението на овој правилник, кој се повикува на член 63 кој ја предвидува постапката за собирање потписи, не може да се спроведува постапка без да постои цензус за предвиден број потписи кои треба да се соберат. Во случајот членот 63 членот е неприменлив бидејќи е поврзан со член 62 од Законот, а кој е укинат од Уставниот суд. Но како што кажав иако од формално правен правно процедурален каракте и наведените причини не се согласувам, имам поинакво мислење, сепак и јас и колагата Оливер Ристовски ќе гласаме за и ќе го поддржиме овој правилник бидејќи сметам дека тоа е во интерес на изборниот процес и непречено спроведување на сите дејства од изборниот процес“, истакна Кондарко.

Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври (прв круг) односно 2 ноември годинава (втор круг).

И.О.

 

INFO