Меѓународниот Црвен крст и ООН предупредуваат за хуманитарна катастрофа во Газа поради најавената офанзива на Израел

Меѓународниот Црвен крст и Обединетите Нации предупредија за претстојна хуманитарна катастрофа во Појасот Газа поврзана со најавената офанзива на Израел за преземање на градот Газа. Израелската војска им наложи на медицинските и хуманитарните групи на палестинската територија да се подготват за непосредно присилно раселување.

Повикувајќи на итен прекин на огнот, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди за масовните смртни случаи и уништување што неизбежно би ги предизвикала воената операција против Газа.

Кристијан Кардон, главен портпарол на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, рече дека интензивирањето на непријателствата во Газа значи повеќе убиства, повеќе раселување, повеќе уништување и повеќе паника.

„Газа е затворен простор од кој никој не може да избега и каде што пристапот до здравствена заштита, храна и безбедна вода се намалува. Во меѓувреме, безбедноста на хуманитарците се влошува од час во час. Ова е неподносливо“, рече Кардон.

Министерството за здравство на Газа во четврток го отфрли повикот на израелската војска за раселување на персоналот на север пред воената офанзива за заземање на областа. Се наведува дека тоа би лишило повеќе од 1 милион луѓе од нивното право на медицински третман и би ги изложило животите на жителите, пациентите и ранетите на непосредна опасност.

Во исто време, се засили координираната кампања на меѓународата јавност против непочитувањето на повиците за прекин на огнот од страна на Израел и неговото одобрување на огромна нова нелегална изградба на населби на окупираниот Западен Брег. Велика Британија го повика израелскиот амбасадор и им се придружи на 20 други земји во осудата на планот за населување како кршење на меѓународното право.

Хуманитарните организации велат дека Израел вложил занемарливи напори за значително зголемување на хуманитарната помош на нивоата што им се потребни на населението во Газа, што предизвика предупредување од францускиот претседател, Емануел Макрон, претходно оваа недела за опасноста од вистинска катастрофа.

Во четвртокот вечерта, Бенјамин Нетанајху објави за време на посетата на израелските војници во дивизијата Газа дека одобрил планови за преземање на градот Газа и им наредил на службениците да започнат итни преговори за враќање на израелските заложници во Газа.

INFO