Примената на американските санкции кон Нафтената индустрија на Србија (НИС) е одложена по шести пат за уште 30 дена. Санкциите на американскиот Секретаријат за финансии, во рамки на мерките против руската компанија Гаспромњефт, првично требаше да стапат во сила на 27 февруари, но оттогаш постојано се одложуваат.
Гаспромњефт, подружница на Гаспром, беше сопственик на околу 56 проценти од акциите на НИС, државата Србија контролира околу 30 проценти од сопственоста, а остатокот го поседуваат малцински акционери.
Наместо Гаспромњефт, во меѓувреме мнозинскиот удел во НИС го презеде Гаспром, кој не е опфатен со глобалните американски санкции.
Гаспромњефт во 2008 година, без тендер, купи 51 процент од акциите на НИС за 400 милиони евра, а експертите предупредуваа дека продажбата била „под цена“. Одлуката за воведување санкции кон руските компании од енергетскиот сектор – Сургутњефт и Гаспромњефт и нивните подружници, со цел намалување на приходите на Москва од продажба на енергенси со кои се финансира војната во Украина, американскиот Секретаријат за финансии ја донесе на 10 јануари.
Од јануари траат преговори во триаголникот Вашингтон, Белград и Москва – и постојаните одложувања – околу воведувањето на американските санкции кон НИС, клучното претпријатие за снабдување на граѓаните на Србија со нафтени деривати, но и едно од најважните за бруто-друштвениот производ и државниот буџет.
Одлуката за примената на санкциите кон НИС е одложена до 26 септември.
„Крајната цел е отстранување на НИС од листата на санкции на Канцеларијата за контрола на странска имовина (OFAC) на Министерството за финансии на САД, што е процес кој не зависи од Србија“, изјави Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, министерка за рударство и енергетика, по шестото одложување на американските санкции.