САД им ги укинаа визите на палестинските претставници пред седницата на ОН

САД започнаа да одбиваат и укинуваат визи за членови на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) и Палестинската власт (ПА) во пресрет на Генералното собрание на ОН во септември, пишува Гардијан.

Меѓу засегнатите е и палестинскиот претседател, Махмуд Абас, кој планираше да отпатува во Њујорк и да се обрати пред ОН. Канцеларијата на Абас оцени дека одлуката е прекршување на договорот со ОН, според кој американските власти не треба да одбиваат визи за официјални претставници на земји и набљудувачи кои учествуваат на седниците на светската организација.

Стејт департментот, пак, тврди дека го почитува договорот.

Одлуката дополнително ја приближува администрацијата на Доналд Трамп кон израелската влада, која жестоко се противи на создавање палестинска држава. Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар ја поздрави мерката, благодарејќи му на Трамп „што повторно застана зад Израел“.

Обединетите нации реагираа дека е важно сите земји и набљудувачи, вклучително и Палестинците, да бидат претставени на претстојниот самит.

„Се надеваме дека ова прашање ќе биде решено“, изјави портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дужарик.

Одлуката доаѓа во време на засилена офанзива на Израел во Газа, при што досега, според податоците на тамошните здравствени власти, загинале повеќе од 63.000 луѓе, најголем дел цивили. ОН предупреди на глад во и околу Газа Сити, обвинувајќи ја израелската влада за систематско попречување на доставата на хуманитарна помош.

INFO