Како што информираат од собраниската прес-служба, со седницата ќе претседава пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.
Ова следи откако членот на собраниската Комисија за надзор на АНБ и АР пратеникот, Љупчо Пренџов вчера јавно го повика претседателот на Комисијата Скендер Реџепи од Европскиот фронт да закаже итна седница. Претседателот на Комисијата Скендер Реџепи вчера одговори на повикот дека додека е претседател и дискриминиран, нема да повика таков состанок.
„Целта е на седницата да се разгледаат загрижувачките сомнежи за незаконско постапување во АНБ, односно, да утврдиме точен датум за официјална посета во Агенцијата за национална безбедност преку која ќе извршиме директен увид во состојбите и темелно испитување на сите околности поврзани со овие настани“, истакна Пренџов.
Овие случувања, според пратеникот, предизвикаа силна вознемиреност во јавноста и, како што рече, ја поткопуваат демократијата и довербата во институциите задолжени за заштита на националната безбедност.
„Токму затоа, обврска на комисијата е да делува одговорно и транспарентно, со цел, да се обезбеди отчетност на институциите и заштита на нивниот интегритет и демократијата во државата“, појасни Пренџов.
Реџепи потенцира дека тој е дискриминиран и дека нема да може да присуствува на изнесувањето класифицирани инфомации, бидејќи нема одговор на барањето за безбедносен сертификат, што го побарал во ноември или декември минатата година. Тој уште еднаш потенцираше дека нема да ја свика комисијата и им порача дека претседателот на Собранието има можност да свика комисија да си одлучи оние кои имаат сертификати да одат и да ја завршат работата.
„Ако тие инсистират, јас да го направам тоа, тогаш тие сакаат да не се заврши посетата“, нагласи Реџепи.