Романија стана втората земја-членка на НАТО што пријави руски дронови во нивниот воздушен простор

Романија пријави дека руски дрон го нарушил нејзиниот воздушен простор, и со тоа стана втората земја-членка на НАТО што пријавила таков упад. Романските борбени авиони беа во воздух следејќи го рускиот напад во Украина во саботата и беа во можност да го следат дронот во близина на јужната граница на Украина, соопшти Министерството за одбрана, пренесува Би-Би-Си.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека упадот не може да биде грешка – тоа е „очигледно проширување на војната од страна на Русија“. Москва не ги коментираше романските тврдења. Полска соопшти дека соборила најмалку три руски дронови кои влегле во нејзиниот воздушен простор.

Во своето соопштение, Министерството за одбрана на Романија соопшти дека го открило рускиот дрон кога два авиони Ф-16 ја следеле границата на земјата со Украина, по „руските воздушни напади врз украинската инфраструктура на Дунав“.

Дронот бил откриен 20 км југозападно од селото Чилија Вече, пред да исчезне од радарот. Но, не летал над населени места ниту претставувал непосредна опасност, соопшти Министерството.

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, го нарече инцидентот „уште едно неприфатливо кршење на суверенитетот на земја-членка на ЕУ“. Полска, исто така, одговори на загриженоста за руските беспилотни летала во саботата.

„Превентивните операции на авијацијата – полска и сојузничка – започнаа во нашиот воздушен простор“, рече премиерот Доналд Туск во објава на X. „Компените системи за воздушна одбрана достигнаа највисока состојба на подготвеност“. Порано оваа недела руското министерство за одбрана соопшти дека „немало планови“ за таргетирање објекти на полска територија.

Белорусија, близок руски сојузник, изјави дека беспилотните летала што влегоа во полскиот воздушен простор во среда биле несреќа, откако нивните навигациски системи беа блокирани.

Во неделата, Чешката Република објави дека испратила единица за специјални операции со хеликоптери во Полска. Единицата се состои од три хеликоптери Ми-171С, секој од нив способен да транспортира до 24 лица и има целосна борбена опрема.

Овој потег е одговор на руската инвазија на источното крило на НАТО, изјави чешката министерка за одбрана Јана Чернохова. Како одговор на најновата инвазија со беспилотни летала, претседателот Зеленски рече дека руската војска „точно знае каде се движат нивните беспилотни летала и колку долго можат да дејствуваат во воздух“. Тој постојано бара од западните земји да ги заострат санкциите кон Москва.

Американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, се осврна на нарушувањето на воздушниот простор претходно оваа недела, велејќи дека е „подготвен“ да воведе построги санкции кон Русија, но само ако земјите од НАТО исполнат одредени услови, како што е прекинување на купувањето руска нафта.

Русија започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година и бавно напредува на бојното поле. Трамп ги предводи напорите за завршување на војната, но Русија ги интензивираше нападите врз Украина откако претседателот Владимир Путин се врати од самитот со Трамп во Алјаска минатиот месец.

INFO