Европската комисија бара поголеми плати за судиите и обвинителите, Владата смета дека не заслужуваат

Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на истиот брифинг, главниот „камен на сопнување“ за носење на овие закони се бараните издвојувања од буџетот за платите на судиите и обвинителите. Владата не се согласува со овие барања на ЕК – прво од причина што довербата на јавноста спрема судиите и обвинителите со години не се поместува од 2 отсто, а потоа и затоа што ЕК бара процент од буџетот да биде издвоен за нивните плати. Имено ЕК, бара 0,8 отсто од годишниот буџет да се издвојува за платите во судството, а 0,5% за обвинителството. Според димензионираноста на сегашниот буџет, за платите на судиите и обвинителите би требало да се издвојува 100 милиони евра годишно, за кои премиерот смета дека не ги заслужуваат според резултатите што ги покажале во работата.

„Воопшто, принципот на врзување на платите за судиите и обвинителите со процент од буџетот е несоодветен и социјално неправеден. Имаме проекции за зголемување на буџетот од година в година, и да достигне до 20 милијарди евра, па тогаш за нивните плати би биле обврзани да издвојуваме 300-350 милиони годишно, т.е. да им бидат гарантирани,  додека платите на сите други го државава ќе бидат оставени на условно кажано – финансиска неизвесност. Формиравме работни групи да направат споредбена анализа со праксата за платите на судиите и обвинителите во пет земји на ЕУ и да излеземе со аргументи пред Европската комисија зашто не се согласуваме како Влада со нивното барање“, објаснува премиерот Мицкоски.

Во однос на платите во правосудството, премиерот се надоврза дека платата на судијата што ќе биде испратен во Еуроџаст, отсега ќе биде на ниво на третиот по ранг службеник во амбасадата во Брисел, наместо да ја одредува републичкиот јавен обвинител.

Сепак, како што истакна министерот Муртезани, главната забелешка на Европската комисија биле измените на Кривичниот законик, кој од претходната влада беше изменет спротивно на препораките од ЕК и ЕУ. Во ЕК најмногу се интересираат за динамиката на процедурите за исправање на пропустите со Кривичниот законик.

Поради, подобра операционализација на реформите, од Европската комисија е побарано законите кои се усогласувани со европските, откако ќе поминат владина процедура, пред да ставени во процедура за усвојување во Собрание, да бидат испратени на проверка во ЕК, па потоа да влезат во собраниска процедура.

„Тоа можеби ќе ги одложи роковите, но колку повеќе завршиме од реформите, кога ќе започнат преговорите, толку побрзо ќе ги затвораме поглавјата“, истакна министерот Муртезани, повикувајќи се на оценката на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, дека Македонија има проведено 76 отсто од реформите.

Ј.П.

INFO