Естонија побара итни консултации со земјите-членки на НАТО откако во петокот три руски воени авиони го нарушија нејзиниот воздушен простор. Според владата, трите борбени авиони МИГ-31 без дозвола влегле во Естонија над Финскиот залив и таму останале вкупно 12 минути.
„Ги сметаме за клучни консултациите со нашите сојузници за да обезбедиме заедничка свест за ситуацијата и да се договориме за нашите следни заеднички чекори“, изјави естонскиот премиер Кристен Михаел. „Реакцијата на НАТО на секоја провокација мора да биде единствена и силна“, додаде тој.
Инцидентот веднаш предизвика реакција од НАТО. Италија, Финска и Шведска испратија борбени авиони како дел од мисијата на НАТО за засилување на источното крило. Италијански борбени авиони F-35, базирани во Естонија, беа активирани како дел од мисијата „Baltic Air Policing“ за да ги пресретнат и придружат руските авиони надвор од воздушниот простор на земјата.
Според информациите на естонската влада, руските авиони немале испратено план за лет, нивните транспондери биле исклучени, а немало ниту двонасочна радио комуникација со естонската контрола на летање.
Иако НАТО ја оцени случката како „уште еден пример за непромислено руско однесување и демонстрација на способноста на НАТО да реагира“, руското Министерство за одбрана ги негираше обвинувањата. Тие тврдат дека авионот летал „по распоред, строго се придржувал до меѓународните правила за воздушен простор без да ги наруши границите на други држави, што е потврдено од објективен мониторинг“.
Русија наведува дека авионите летале над неутрални води на Балтикот, повеќе од 3 километри оддалечени од островот Ваиндлоо, кој ѝ припаѓа на Естонија.
Ова е петта повреда на воздушниот простор на Естонија од страна на Русија годинава, велат официјалните претставници. Естонија, која граничи со Русија на истокот, смета дека ваквите инциденти се закана за регионалната безбедност.
Според Членот 4 од Договорот на НАТО, секоја земја-членка може да побара итни консултации со останатите членки доколку почувствува закана врз својата територија, политичка независност или безбедност. Ова е вторпат овој месец земја-членка на НАТО да го активира Членот 4 откако Полска го направи тоа на 10 септември кога руски дронови навлегоа во нејзиниот воздушен простор.
Американскиот претседател Доналд Трамп, коментирајќи го инцидентот во петокот, изјави: „Не ми се допаѓа. Не сакам кога се случуваат вакви работи. Може да стане голем проблем.“