Премиерот Христијан Мицкоски ја отфрли одговорноста за продажбата на Стопанска банка Битола, денеска Алта банка, нагласувајќи дека станува збор за преземање од приватни акционери, а не од државата. На надзорната расправа во Собранието за причините за воведувањето администрација во Алта банка, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност, тој рече дека неговото вклучување било со цел да се најде решение за проблемот и да се заштитат вработените и доверителите.
Мицкоски посочи дека Алта банка Србија ја купила Стопанска банка Битола од приватни акционери и сопственици на акции.
„Имено, Алта банка Србија ја купува Стопанска банка Битола од приватни акционери, не од државата, од приватни акционери и сопственици на акции“, рече премиерот.
Тој објасни дека во периодот на локалните избори во 2025 година Владата не можела да им дава насоки на јавните претпријатија и државните акционерски друштва за начинот на постапување со акциите што ги поседувале во Стопанска банка Битола.
Според Мицкоски, дури по завршувањето на изборите, кога Алта банка веќе станала квалификуван мнозински сопственик, Владата им препорачала на управните одбори на јавните претпријатија и акционерските друштва да одлучат што ќе прават со своите акции.
„Што е неколку месеци потоа, откако во Службен весник е објавена одлуката дека господинот Давор Мацура, односно Алта банка Србија, станува квалификуван мнозински сопственик на Стопанска банка Битола“, посочи Мицкоски.
Тој ги отфрли и обвинувањата за неговата комуникација со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оценувајќи дека е нормално премиерот да биде информиран од централната банка за вакви значајни процеси.
„Нормално е, логично е, кога ќе се случи една аквизиција на една банка, претседателот на Владата да дознае од Народната банка, да не дознава од медиуми“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека комуникацијата меѓу институциите е дел од нивното нормално функционирање и дека спротивното би значело стихијно работење на системот.
Осврнувајќи се на критиките и квалификациите упатени кон него во изминатите денови, Мицкоски рече дека нема да го спушти нивото на дискусија.
„Што се однесува до нашиот разговор со гувернерот Трајко Славески, исто така и тоа што го слушам во медиумите е невистина, нема да го спуштам нивото на дискусија на она коешто го слушам изминативе денови, дека сум бил дилер, идиот, арамија или што сè не си наслушав за себе“, рече премиерот.
Мицкоски, одговарајќи на прашањата за неговото вклучување во случајот, нагласи дека има легитимитет добиен од граѓаните на последните парламентарни избори и дека смета оти има обврска да бара решенија за проблемите во државата.
Како пример ја посочи енергетската криза, кога, како што рече, иако бил опозициски политичар, не останал настрана, туку нудел помош.
„Не седев на страна како воајер, да се самозадоволувам со маката на луѓето, туку напротив, влегувам во процес во којшто ќе најдам решение и ќе ги спасам најпрвин оние вработени коишто се во самата банка, а потоа и оние доверители коишто, се разбира, се наоѓаат таму“, изјави Мицкоски.
Тој остана на ставот дека неговото вклучување било насочено кон решавање на проблемот со банката и заштита на вработените и доверителите, а обвинувањата за неговата улога во преземањето ги оцени како политички спинови и невистини.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на расправата побара од Мицкоски да одговори што му кажал на гувернерот Трајко Славески кога, според неговите тврдења, му наредил да дозволи влез на Алта банка на македонскиот пазар.
Филипче оцени дека премиерот има директна и најголема политичка одговорност за случајот, почнувајќи од влезот на банката во земјава, до подоцнежниот развој на настаните по изборите во Србија, притворот на сопственикот Давор Мацура и блокадата на средствата на граѓаните во Алта банка Македонија.
Тој посочи дека за Алта банка и нејзиниот сопственик се зборува веќе една година и дека премиерот не може да тврди дека не бил запознаен со нивното работење и минато.
„Година дена зборуваме за тоа која е Алта банка. Зборуваме за тоа кој е Давор Мацура. Не може вие да не знаете кој е Алта банка и кој е Давор Мацура. Ако вие не знаете или немате информации, не треба и не можете да ја извршувате функцијата којашто ја извршувате. Алта банка е личната банка на Александар Вучиќ“, рече Филипче.
Тој го опиша Мацура како човек кој од менувачница изградил мултимилионска банка со регионално присуство, посочувајќи дека институцијата била казнувана во Европа и се соочила со ограничувања во други земји.
Филипче рече дека Мацура има забрана за влез во Црна Гора, каде што, според него, црногорските власти не дозволиле банката да влезе на пазарот. Тој се повика и на казна изречена во Австрија во износ поголем од 100.000 евра поради прикривање одредени информации.
Претседателот на СДСМ изрази сомнежи и за потеклото на капиталот на банката, повикувајќи се на информации објавувани во српските медиуми за наводни врски со криминално стекнати пари, коруптивни процеси, шверц со дрога и руски капитал.
„Банка којашто капиталот го стекнува од криминално стекнати пари, корумпирани процеси, шверц со дрога, од руски пари, како што кажуваат медиумите во Србија. Вие дозволивте тука да влезе банка на забранети пари секаде во Европа и светот после почетокот на војната во Украина. Рускиот капитал е секаде забранет. Вие дозволивте Алта банка со такви пари тука да купи наша банка“, рече Филипче.
Тој ја прошири критиката и на постапувањето со акциите што ги поседувале јавните претпријатија, тврдејќи дека имало притисоци тие да ги продадат. Во тој контекст, се повика на изјавата на гувернерот Славески, за која смета дека отвора дополнителни прашања за улогата на премиерот.
„Огромна е вашата политичка одговорност. Гувернерот Трајко Славески беше тој којшто тоа го кажа. Понатаму сте влијаеле преку притисок на јавните претпријатија да продаваат акции на банката. Моето прашање е што точно му кажавте на гувернерот, кога очигледно сте му дале наредба или кога ве прашал што да прави со Алта банка и влезот на таа банка кај нас?“, праша Филипче.
На обвинувањата одговори и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој посочи дека претходната влада предводена од СДСМ уште во 2023 година дала согласност за продажба на акции во тогашната Стопанска банка АД Битола, денешна Алта банка.

Стојаноски оцени дека СДСМ и Филипче се обидуваат целокупната одговорност за случувањата со Алта банка да ја префрлат на актуелната Влада, иако, како што рече, постои официјален документ за постапувањето на претходната влада.
„Сведоци сме на серија политички обвинувања од СДС и пратеникот Венко Филипче, кои настојуваат целокупната одговорност за случувањата со Алта банка да ја припишат на актуелната Влада. Нешто што можевме да го слушнеме во изминатите 120 секунди“, рече Стојаноски.
Тој се повика на одлука објавена во „Службен весник“ број 123 од 2023 година, со која тогашната влада дала согласност за продажба на акции во Стопанска банка Битола.
„Меѓутоа, постои официјална одлука објавена во Службен весник број 123 од 2023 година, со која тогашната влада предводена од СДС, дала согласност за продажба на акции во Стопанска банка АД Битола, денешна Алта банка“, рече Стојаноски.
Тој упати прашање до премиерот што открива одлуката за постапувањето на претходната влада, дали врз основа на неа била реализирана продажба и по што се разликува од одлуките на актуелната влада во 2026 година.