Адвокатски друштва и компании намерно ги буткаат тендерите

Адвокатски друштва и компании намерно предизвикувале пропаѓање на јавните набавки за да заработат од жалбените постапки, тврди премиерот Христијан Мицкоски откако вчера Собранието го донесе законското решение за јавните набавки за кои имаше низа забелешки не само од опозицијата туку и од граѓанскиот сектор. Законот беше вратен и од претседателката на државата која не го потпиша указот, но сега мора да го потпише.

Ние имаме адвокатски друштва и компании коишто заработуваат на тоа што свесно се договараат и паѓаат јавни набавки. И тоа токму такви јавни набавки, за коишто сега прагот од 5.000 е зголемен. Јас точно знам кои се тие експерти и невладини коишто се обидуваат да креираат таква перцепција, но морам да кажам дека не се во право и дека имаме различни мислења, изјави Мицкоски, додавајќи дека измените биле консултирани со меѓународната заедница.

Ги отфрла сомнежите дека повисокиот праг ќе овозможи однапред договорени набавки и фаворизирање понудувачи, тврдејќи дека законските процедури и контролите го спречуваат тоа.