Левица бара одговори од ЈО и МВР за Ден Дончев

Левица бара Јавното обвинителство итно да побара распишување меѓународна потерница за Ден Дончев кој е опфатен со кривичната пријава за сомнежи за финансиски злоупотреби со приватната болница „Санте плус“. Истовремено, бара и од МВР јавно да одговори кога и под кои околности Дончев ја напуштил државата, дали постоеле информации за неговото заминување и зошто не биле преземени навремени мерки за да се обезбеди неговото присуство во текот на полициската акција.

При полициската акција на 29 октомври, кога беа извршени претреси на повеќе од десет локации и беа приведени осум лица, Дончев не бил пронајден. Денес, неколку недели подоцна, тој објавува фотографии од странство, а македонските институции сè уште не побарале ниту меѓународна потерница! Особено поразителен е одговорот на Јавното обвинителство, кое за медиумите потврди дека не побарало распишување потерница, образложувајќи дека презема дејствија во скратена постапка. Со други зборови, за лице опфатено со кривична пријава во предмет за милионски финансиски злоупотреби, кое е недостапно за органите на прогонот и се наоѓа надвор од државата, Обвинителството сè уште не сметало дека е потребно да побара меѓународна потерница, велат денес од Левица.

За обичниот граѓанин, посочува Левица, законот важи без одлагање, но кога станува збор за поранешни функционери, луѓе со политички врски и милионски финансиски интереси, правосудните институции одеднаш стануваат бавни, неодлучни и немоќни.

Оваа селективна примена на правдата, во која едни се соочуваат со полната тежина на институциите, а други ја избегнуваат одговорноста, ја продлабочува недовербата во правосудниот систем и создава чувство дека неказнивоста е привилегија резервирана за оние со вистинските врски. Најопасната последица од ваквата состојба е општествената апатија – уверувањето кај граѓаните дека правдата е недостижна, дека институциите не работат во нивен интерес и дека борбата за одговорност е однапред изгубена, оценува Левица.