Фондацијата Метаморфозис во фокусот на глобална кампања по повод Светскиот ден на слободата на медиумите

По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, глобалната мрежа IFEX ја започна кампањата „Соочување со моментот на АИ“, фокусирајќи се на напорите на граѓанското општество за справување со дезинформациите во ерата на вештачката интелигенција.

Фондацијата Метаморфозис е меѓу истакнатите организации во оваа кампања, со својот иновативен пристап кон вклучување на младите и медиумската писменост, кој претставува инспиративен модел за справување со предизвиците од дезинформации засилени со АИ.

Додека вештачката интелигенција сè повеќе го трансформира глобалниот информативен пејзаж носејќи и можности и ризици, граѓанските организации како Метаморфозис заземаат сè поважна улога во обезбедување дека слободата на медиумите не само што ќе опстане, туку и ќе се развие.

Кампањата „Соочување со моментот на АИ“ го нагласува клучното значење на ваквите организации во градење на информирани и отпорни општества, во време кога синтетички медиуми, дипфејк содржини и генерирана содржина од АИ сè почесто се користат за искривување на јавната дебата и поткопување на довербата.

Во Северна Македонија, каде што медиумската писменост останува на едно од најниските нивоа во Европа, а дезинформациските кампањи ги таргетираат темите од јавното здравје до изборите, Метаморфозис веќе подолго време еводечка организација во справувањето со штетните наративи. Преку повеќеслоен пристап што вклучува медиумски платформи како Мета.мк, Порталб.мк и сервисот за проверка на факти Вистиномер, како и регионалната соработка преку Центарот против дезинформации на Западен Балкан, фондацијата разви силен сет на алатки за заштита на информативниот простор.

Меѓу впечатливите иницијативи претставени во кампањата на IFEX се Сајбер шејк настаните на Метаморфозис. Станува збор за серија настани насочени кон младите, започнати во 2023 година, со цел да се истражи влијанието на новите технологии врз интегритетот на информациите. Одржувани во неформални простори како кафулиња и клубови, Сајбер шејк настаните ги приближуваат експертите до младите, овозможувајќи дискусии за теми како дипфејк содржини, заштита на личните податоци и етички аспекти на технологијата, користејќи интерактивни алатки како квизови и промоции со инфлуенсери за поттикнување на дијалог.

Еден таков настан, „Дипфејк или реалност“, одржан на почетокот на 2024 година, понуди динамична комбинација од експертски панели и вклучување на публиката во живо. Учесниците, меѓу кои новинари, професори по компјутерски науки и уредници од технолошки медиуми, ги водеа младите низ анализа на реални и манипулирани слики, охрабрувајќи ги критички да ги преиспитуваат визуелните содржини во дигиталната ера. Настанот овозможи младите слободно да ги изразат своите ставови за злоупотребата на АИ.

„Ние не побаравме тие да дојдат кај нас – ние отидовме кај нив“, изјави Горан Ризов, менаџер на програмата Информациски и медиумски интегритет во Фондацијата Метаморфозис.

„Целта не беше да држиме предавања, туку да создадеме простор каде што младите ќе можат да поставуваат прашања и да ги споделат своите грижи. Многумина веќе беа свесни за ризиците од АИ, но им недостасуваше платформа за отворена дискусија и споделување со други кои се чувствуваат исто.“

Повратните информации од овие настани веќе го обликуваат идниот пристап на Метаморфозис. Во подготовка се нови серии на настани насочени и кон млади, но и кон повозрасни граѓани, кои ќе комбинираат едукација и забава за да се разгледаат комплексни теми како теории на заговор, надзор и етичко користење на АИ. Фондацијата останува посветена и на регионалната соработка, со натамошно зацврстување на својата водечка улога во Центарот против дезинформации на Западен Балкан.

Клучно е што Метаморфозис задржува избалансиран пристап кон технологијата.

„Го нагласуваме позитивниот потенцијал на АИ кога се користи етички“, вели Ризов.

„Нашата цел не е да ги исплашиме луѓето – туку да им дадеме знаење со кое ќе можат да ја користат технологијата разумно, но и да бидат свесни за ризиците.“ Преку својот придонес во кампањата на IFEX „Соочување со моментот на АИ“, Фондацијата Метаморфозис уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон овозможување на граѓаните, особено младите, да можат со критичко мислење и медиумска писменост да учествуваат во одбраната на слободата на медиумите во денешниот свет воден од вештачка интелигенција.

INFO