УЈП со важно потсетување – Рокот истекува во понеделник

Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува сите даночни обврзници дека 27 април 2026 година е последниот рок за поднесување на ДДВ-пријавата и за плаќање на обврските по основ на данок на додадена вредност.

Рокот се однесува на даночниот период од 1 јануари до 31 март 2026 година, при што обврзниците треба навремено да ја поднесат пријавата и да го подмират вкупниот ДДВ-долг за наведениот период.

Од УЈП појаснуваат дека доколку постои пренесено даночно побарување од претходни периоди, тој износ автоматски ќе се искористи за пребивање на новонастанатиот долг по основ на ДДВ.

Институцијата апелира до компаниите и деловните субјекти навремено да ги исполнат своите законски обврски, со цел да се избегнат дополнителни камати и можни санкции, како и да се обезбеди уредна даночна евиденција и стабилно функционирање на стопанството.

INFO MAK