ФЕД ги зголеми каматните стапки во обид да постигне намалување на инфлацијата

Федералните резерви ги зголемија каматните стапки и најавија нови покачувања во наредните месеци, при што новиот шеф на американската централна банка, Кевин Ворш, се приклучи кон едногласната одлука со која всушност се признава досегашната неспособност на администрацијата на Трамп да ја контролира инфлацијата – појава за која креаторите на политиките стравуваат дека би можела да се влоши.
Иако претседателот Доналд Трамп вети намалување на цените за време на неговиот мандат, комбинираното влијание на неговите глобални увозни царини, енергетскиот шок по почетокот на војната на САД и Израел против Иран, како и капиталните расходи поврзани со подемот на вештачката интелигенција, го одржаа ценовниот притисок доволно силен за ФЕД да оцени дека е неопходно да ја зголеми референтната каматна стапка за прекуноќно позајмување за четвртина процентен поен, достигнувајќи го опсегот од 3,75% до 4,00%.
Ажурираните квартални економски проекции покажаа дека 16 од 18 креатори на политики очекуваат барем уште едно зголемување од четвртина процентен поен до крајот на оваа година, додека само двајца сметаат дека стапките ќе останат стабилни. Сите, освен еден, укажаа на ризици од раст на инфлацијата, кои веќе не ги опишуваат како последица главно на еднократни шокови во понудата.
Ворш, кој повторно не достави проекции за каматните стапки или други економски показатели, потребата за построга монетарна политика делумно ја припиша на економијата за која смета дека забрзува; силниот економски раст и растот на вработеноста придонесуваат кон ценовните притисоци, кои веќе не изгледаат како да се засноваат исклучиво на трошоците за нафта или на увозните царини.
„Постои широк спектар на податоци, вклучително и оние за пазарот на труд, кои укажуваат дека економијата зајакнала“, им изјави Ворш на новинарите, набројувајќи ги причините поради кои го поддржал зголемувањето на стапките, откако претходно, на состанокот на ФЕД на 28 и 29 јули, се залагал за нивно задржување на истото ниво. „Домашната потрошувачка е отпорна, растот на продуктивноста е силен, а капиталните инвестиции се значителни.“
Зголемувањето на каматните стапки беше прв таков потег по три години и прва промена во политиката под водство на новиот шеф на ФЕД, кој ја презеде функцијата кон крајот на мај откако беше избран од Трамп со очекување дека ќе ги намали стапките.
„Инфлацијата останува висока. Денешната мерка во монетарната политика ќе придонесе за побрзо враќање кон целта на Комитетот од 2%“, соопшти Федералниот комитет за отворен пазар на централната банка во својата изјава по завршувањето на дводневниот состанок. Во своето обраќање на прес-конференцијата по состанокот, Ворш го нарече зголемувањето на каматните стапки правилна одлука.
„Тешко би можел да ги опишам општите финансиски услови како рестриктивни“, рече тој. „Овој став беше широко прифатен во Комитетот, па затоа ја намаливме степенот на монетарна поддршка.“
Трамп реагираше брзо, повторувајќи го ставот што го застапува уште од враќањето на функцијата во јануари 2025 година – дека каматните стапки во САД треба драстично да се намалат, можеби на 1%. Тоа е ниво што обично се поврзува со напорите на ФЕД да ја извлече економијата од криза и кое во нормални услови веројатно би поттикнало инфлација.
„Каматните стапки во Соединетите Држави треба да бидат 1% или пониски, бидејќи ние сме најсигурниот должник во светот – и тоа убедливо. Нашата земја доживува економски подем благодарение на новите инвестиции! Кога би престанале да тргуваме со секоја земја со која имаме трговски дефицит – а тоа се повеќето од нив – би заработувале најмалку 1,5 трилиони долари годишно. Зборот ‘дефицит’ не е ништо друго освен поубав израз за ‘загуба’… Намалете ги каматните стапки за САД“ – напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“. Иако во коментарите не го спомна Ворш по име, тие потсетуваа на острите критики што претседателот редовно ги упатуваше кон поранешниот претседател на ФЕД, Џером Пауел.