Надзорна расправа за „Алта банка“ во Собранието

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе одржи надзорна расправа за причините за воведувањето администрација во „Алта банка“ АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност.

Расправата е закажана за 10 часот, во салата „Борис Трајковски“, на 85. седница на Комисијата, по иницијатива на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

Претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска, која на седницата минатата недела го поднесе предлогот за дополнување на дневниот ред со оваа точка, образложи дека Собранието треба да ја искористи својата надзорна улога и да побара одговори за постапувањето на Народната банка и воведувањето администрација во банката.

Таа посочи дека е потребно гувернерот Славески да објасни како дошло до актуелната состојба, особено по неговите претходни уверувања дека сè е во ред.

Приоритет во оваа ситуација, при ваква состојба во банкарскиот систем треба да биде надзорната улога на Собранието за спроведување на Уставот и законите и ние во овој момент како членови на Комисијата за финансирање и буџет сме најповикани. Преку ова барање сакаме да добиеме одговори од најповиканиот, гувернерот Трајко Славески, кој деновиве нè убедуваше дека сè е во ред, но вчера на прес-конференција донесе привремена мерка, односно администрација во Алта банка за заштита на банката и на штедачите од промена на сопственоста, истакна Лукаревска.

По усогласувањето на формулацијата на темата, членовите на Комисијата ја поддржаа иницијативата, но од насловот беше отстранета формулацијата „за измамата на граѓаните“, на која се спротивставија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Пратеничката Дафина Стојаноска оцени дека Собранието не може однапред да квалификува одредени постапки како измама.

Ние не сме тука суд, односно вие не сте суд за да дефинирате дека се работи за некаква измама на граѓаните, рече Стојаноска минатата недела на седницата на Комисијата.

Филипче: Мицкоски е дел од политичка и финансиска мрежа поврзана со Орбан и Вучиќ

СДСМ бара Јавното обвинителство да ги испита околностите под кои „Алта банка“ влегла на македонскиот пазар, улогата на премиерот Христијан Мицкоски и постапувањето на гувернерот Славески.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вчера во гостувањето во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител го обвини Мицкоски дека е дел од политичка и финансиска мрежа поврзана со унгарскиот премиер Виктор Орбан и српскиот претседател Александар Вучиќ. Според Филипче, случајот со „Алта банка“ не е изолиран финансиски проблем, туку дел од поширока политичка и бизнис-мрежа, за која тврди дека има цел да ги контролира стратешките инвестиции и медиумите и да го запре европскиот пат на земјата.

Венко Филипче. Фото: СДСМ

Тој рече дека СДСМ 11 месеци предупредува за потеклото на капиталот на банката и за нејзиното работење, а ја доведе во прашање и улогата на Мицкоски во процесот на нејзиното влегување на македонскиот пазар, повикувајќи се на изјавата на гувернерот Славески дека го консултирал премиерот.

Едно е да не знаете, а друго е да сте дел од целата таа игранка и шема и да ги знаете многу добро тие луѓе. Јас ви тврдам дека тоа ќе излезе на крај, дека овие луѓе имале обврска да ја донесат Алта банка тука кај нас, затоа што имале политички концесии со режимот на Александар Вучиќ, изјави Филипче.

Тој ги поврза овие наводи и со влезот на унгарски телекомуникациски оператор и со медиумски проекти во земјата, меѓу кои ги спомена „Еуроњуз“ и „Арена Спорт М“, тврдејќи дека станува збор за поширока стратегија за влијание врз медиумскиот простор.

Мицкоски: Оптимист сум дека „Алта банка“ ќе продолжи да функционира, се согласувам со истрага

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, изјави дека е оптимист оти „Алта банка“ ќе продолжи да функционира и дека нема да се реализира сценариото за нејзино заминување во стечај. Тој појасни дека се разгледуваат две можности – да се најде купувач кој ќе ја консолидира банката или, доколку тоа не успее, да се отвори стечајна постапка, при што уверуваше дека сите штедачи и доверители ќе бидат обесштетени до последниот цент.

Мицкоски ги обвини опозициските партии дека со своите јавни настапи создаваат паника и страв кај граѓаните, а истовремено рече дека се согласува Јавното обвинителство да отвори предмет и да ги испита прашањата што ги поставува СДСМ.

Христијан Мицкоски. Фото: Влада

Апсолутно јас се согласувам да отвори Обвинителството случај, да поведе истрага и да видиме што ќе каже таа истрага, изјави премиерот.

Тој посочи дека сопственикот на банката, Давор Мацура, претходно добил одобрение од австрискиот регулатор за стекнување дел од акциите во „Адико банка“ и имал деловни односи со „Рајфајзен банка“. Според Мицкоски, Владата не може да одлучува кој ќе работи на македонскиот пазар доколку ги исполнува условите за работење.

Ние не можеме, како Влада да бираме кој ќе работи или кој нема да работи. Секој оној којшто работи на една слободна, пазарна, демократска и, би рекол, трговска основа, може да работи тука, рече Мицкоски, додавајќи дека очекува на крајот од процесот банката да биде спасена и да продолжи да функционира.

Поради случувањата со Алта банка од Србија, Народната банка привремено воведе мерка администрација што значи дека управувањето со имотот на банката оди во надлежност на лица делегирани од Народната банка.

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески на вонредната прес-конференција на почетокот на месецов рече дека мерката е од времен карактер и се воведува со цел да се заштити имотот на банката и интересите на штедачите.