Муцунски ја отвори првата резидентна Македонска амбасада во Литванија

Првата резидентна Амбасада на Македонија во литванската престолнина Вилнус беше официјално отворена денеска во рамки на работната посета на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на Литванија.

Пред отворањето на дипломатското претставништво, Муцунски оствари билатерална средба со литванскиот министер за надворешни работи, Кештудис Будрис, на која во фокусот биле политичкиот дијалог, економската соработка, евроинтегративниот процес и актуелните безбедносни предизвици.

На средбата, како што соопшти МНР, била разгледана можноста за натамошно унапредување на билатералните односи, како и зајакнување на соработката во рамки на евроатлантското сојузништво.

Посебно внимание било посветено на европската интеграција на земјата, надминувањето на пречките и потребата од динамизирање на пристапниот процес.

Муцунски изразил благодарност за континуираната и принципиелна поддршка што Литванија ја дава за стратешката цел на земјата – полноправно членство во Европската Унија.

Тој ја реафирмирал определбата на Владата за спроведување на реформската агенда, како и за конструктивен пристап во изнаоѓањето заемно прифатливо решение во билатералниот дијалог со источниот сосед, засновано врз европските вредности и принципи.

Централен настан на посетата било отворањето на првата резидентна македонска амбасада во Вилнус, со што, според Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се создаваат нови можности за продлабочување на политичките, економските и институционалните односи меѓу двете држави.

Муцунски истакнал дека Македонија и Литванија повеќе од три децении градат пријателски односи засновани врз меѓусебна почит, доверба и заеднички вредности.

„Повеќе од три децении нашите две држави градат пријателство засновано на меѓусебна почит, доверба и вредности што ги споделуваме“, рече министерот.

Во своето обраќање, тој упатил посебна благодарност до Литванија за солидарноста и помошта што ги покажа по трагичниот пожар во Кочани, кога четворица од најтешко повредените пациенти биле примени на лекување во Вилнус и Каунас.

„Македонскиот народ нема да го заборави тоа. Семејствата во Кочани нема да го заборават тоа. И јас нема да го заборавам тоа“, истакна Муцунски.

Тој оценил дека отворањето на дипломатското претставништво ќе овозможи поинтензивно поврзување на двете земји и во области надвор од традиционалната дипломатска соработка.

Како области со потенцијал за развој ги посочил економијата, трговијата, инвестициите, образованието, културата, технологијата и иновациите.

„Гледаме можности за продлабочување на економските врски, зголемување на трговијата и инвестициите, за поврзување на нашите студенти, академската заедница и уметниците, како и за заедничка работа во областа на иновациите и дигиталната трансформација“, рече министерот.

Според него, новата амбасада ќе има важна улога во воспоставувањето директни контакти меѓу институциите, бизнис-заедниците и граѓаните на двете земји.

„Оваа Амбасада ќе биде мост меѓу Скопје и Вилнус, меѓу нашите институции и бизнис-заедници, и меѓу нашите граѓани. Заедно, нашите две дипломатски мисии ќе создадат посилна основа за дијалог, соработка и нови можности што ќе создаваат конкретни придобивки за граѓаните“, порача Муцунски.