Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе оствари средби со министерот за надворешни работи Нуртлеу, со министерот за трговија и интеграција на Казахстан, Арман Шакалиев, како и со гувернерот на Меѓународниот финансиски центар на Астана, Ренат Бектуров.
На средбата со министерот Нуртлеу ќе се разговара за унапредување на билатералната соработка во политичката и економската сфера.
Притоа, ќе биде потпишана и Програма за соработка меѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија и Министерството за надворешни работи на Казахстан за периодот 2025–2027.
Во економскиот сегмент, фокусот ќе биде ставен на можностите за продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, условите за инвестирање во Македонија и потенцијалите за соработка во областа на туризмот.