Од почеток на годинава до сега над 94 % од броилата биле отчитани, велат податоците од Електродистрибуција. Останатите 6% кои се читаат периодично, се броила сместени во викендички, оддалечени места или затворени внатре во објекти кои не се користат секојдневно.
Податоците на месечно ниво укажуваат на тоа дека процентот на прочитани броила е во континуитет на високо ниво и просечното месечно ниво не е пониско од 87%, а ова важи и за летните месеци јуни, јули и август кога вообичаено сметките се паушални.
Граѓаните можат да видат дали нивното броило е прочитано или не во својата сметка, каде што ако стои ознака О се работи за прочитано броило, а ако стои ознака М се работи за паушално одреден износ.
Од почетокот на годината околу 8.031 граѓани побарале корекции на сметките и нивните жалби биле прифатени. Статистиката на компанијата покажува дека на месечно нивно жалби поднеле околу 0,13 % од вкупниот број потрошувачи.
Се очекува дополнително унапредување во овој дел, преку имплементација на важечкиот сет на Европски регулативи, т.н. пакет „Чиста енергија“. Се работи за целосна имплементација на Законот за енергетика и Законот за користење на обновливи извори на енергија.
Регулативата опфатена со пакетот за „Чиста енергија“, покрај другото, треба да ја забрза енергетската транзиција и да создаде предуслов за развој на пазарите и поголема интерактивност помеѓу компаниите и потрошувачите. Дел од овие мерки предвидуваат и развој на паметни енергетски мрежи и воведување системи на т.н. паметни мерни уреди. Според одредени информации, веќе е изготвена техничка и економска анализа на сите трошоци и придобивки за пазарот, како и за зголемување на енергетската ефикасност од воведувањето паметни мерни системи од страна на Електродстрибуција. Оваа анализа е законска обврска на компанијата, а истата е доставена до Регулаторната комисија за енергетика, како и до Секретаријатот на Енергетската заедница.
По препорака на РКЕ, ќе следи одлука на Владата за воведување на паметни мерни системи, во која ќе се утврди динамиката на воведување од страна на операторот на електродистрибутивниот систем.