Стојаноска: Вреди во Брвеница одигра улога на „Тројански коњ“

Пратеничката и членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, оцени дека коалицијата Вреди не успеала да покаже политичка разлика од ДУИ, туку во вториот круг од локалните избори во Брвеница се приклучила кон кандидатот на Националната алијанса за интеграција (НАИ).

Во гостување во централниот дневник на Сител телевизија, во живо од општина Брвеница, Стојаноска рече дека во првиот круг ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ настапиле со својот кандидат Стојанчо Радичевски, додека Вреди имала сопствен кандидат, но во вториот круг застанала зад кандидатот на НАИ.

Таа оцени дека Вреди со ваквиот потег ги раштркала гласовите од гласачкиот базен и одиграла во корист на ДУИ, наместо да покаже дека е политички различна од оваа партија.

„Жалиме што ете Вреди не ја искористи оваа прилика да покаже дека се поразлични од ДУИ, туку, исто како и СДС и Левица. Мислам дека ја одиграа улогата на тројански коњ и одиграа за ДУИ, односно ги раштрка гласовите од гласачкиот базен“, изјави Стојаноска.

Во однос на тоа дали изборите во Брвеница се тест за стабилноста на владината коалиција, таа оцени дека тоа не е случај и дека вистинскиот показател за коалицијата е реализацијата на владината програма.

„Локалните избори во Брвеница нема да бидат тест за оваа владина коалиција. Туку напротив, тест за коалицијата е реализацијата на владината програма, која што засега сметам дека се одвива според планираното“, рече Стојаноска.

Осврнувајќи се на состојбите во опозицијата по локалните избори, таа оцени дека СДСМ станала маргинална политичка партија, а одговорноста за тоа ја припиша на раководството на Венко Филипче.

„СДС стана, би рекла, маргинална партија после овие локални избори, особено заради катастрофалното нејзино раководење од страна на Венко Филипче“, изјави Стојаноска.

Таа додаде дека, според неа, СДСМ и ДУИ се политички поврзани и дека станува збор за „две различни страни од една иста паричка“.