Европската Унија треба да ја преиспита својата политика, да се откаже од милитаризацијата и да го забрза приемот на Македонија, Србија и останатите земји кандидати, порача американскиот економист и професор Џефри Сакс, обраќајќи се на Школата за млади лидери на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов.
Одговарајќи на прашање за блокираниот европски пат на Македонија, Сакс упати критики кон сегашното функционирање на Унијата, оценувајќи дека Европа треба да се врати кон своите основни вредности – мирот, соработката и економскиот развој.
Прашањето му го постави Иван Иванов, кој посочи дека Македонија го променила своето име за да ги отвори вратите кон евроатлантските интеграции, но дека членството во ЕУ и понатаму останува блокирано поради билатерални спорови.
„Мојот совет до Европа е да се разбуди и да ја прифати реалноста. Тоа, секако, подразбира интегрирање на вашата земја, на Србија и на останатите земји кандидати во Европската Унија… Се разбира, сакам вашата земја да стане членка на Европската Унија. Јас верувам во Европската Унија, но не во начинот на кој таа функционира во моментов“, изјави Сакс.
Тој нагласи дека ја поддржува и европската интеграција на Украина, но смета дека таа треба да го задржи својот неутрален статус. Според него, Европа прави сериозна грешка доколку својата иднина ја гради врз воено зајакнување и спротивставување на Русија.
Сакс смета дека Европската Унија треба да се насочи кон зелена транзиција, инфраструктурен развој и кон унапредување на трговските односи со Русија, Кина, Индија и со другите светски сили.
Според него, на Европа ѝ е потребна реформирана визија во која приоритет ќе имаат мирот, економската соработка и квалитетот на животот, наместо военото спротивставување.
Тој заклучи дека високите животни стандарди се една од најголемите европски предности, кои треба да се зачуваат преку соработка и развој, а не преку војни и милитаризација.