Јанкуловски: Депозитите на граѓаните се заштитени, ако продолжат неоснованите напади, Владата нема да остане нема

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во објава на Фејсбук уверува дека депозитите на граѓаните се заштитени согласно законските прописи. Во објавата, Јанкуловски посочува дека Народната банка не е еден човек, туку располага со стручни и искусни професионалци и со законски механизми за супервизија и контрола на банкарскиот систем.

Доколку продолжат неоснованите напади врз правни субјекти во финансискиот сектор и ширењето дезинформации што можат да ја нарушат довербата на граѓаните, како Влада нема да останеме неми. Ќе постапуваме согласно законските надлежности, со целосно почитување на независноста на Народната банка и надлежностите на останатите институции, вели Јанкуловски.

Нема потреба од паника, туку од смиреност, проверени информации и доверба во институциите, порачува заменик-министерот за финансии во подолгата објава во која вели дека во изминатите седум дена свесно се воздржував од јавно изјаснување за случувањата поврзани со банкарското работење.