Европа би можела да се соочи со масовна невработеност доколку не ја подобри економската конкурентност и не спроведе суштински реформи, предупреди Мортен Вирод, главен извршен директор на швајцарската индустриска групација АББ.
Во интервју за германскиот весник „Велт ам зонтаг“, кое го пренесува агенцијата Анадолу, Вирод ја издвоил Германија како земја што мора да ја предводи промената. Сепак, изразил сомнеж дека политичките најави доволно брзо ќе се претворат во конкретни мерки.
„Прилично сум скептичен во поглед на нивната способност навистина брзо да ги спроведат потребните мерки“, изјавил тој.
Според Вирод, проблемот не е во непрепознавањето на економските предизвици, туку во спроведувањето на решенијата. Германија, како најголема економија во Европската Унија, според него има посебна одговорност.
„Германија е моторот на Европа“, порачал шефот на АББ.
На прашањето дали губењето на конкурентноста може да ја доведе Европа до масовна невработеност, Вирод одговорил дека таква опасност постои.