Мицкоски: Да не правеше СДСМ егзибиции, уставните измени сега немаше да бидат услов

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во однос на уставните измени рече дека актуелната владина позиција е непроменета и повторно ја критикуваше претходната влада поради прифаќањето на условот за внесување на Бугарите во Уставот.

„Нашиот став како Влада е јасен и непроменет. За жал, поради антидржавната политика на претходната влада, ние сега имаме политички услов, а тоа се уставните измени“, рече Мицкоски.

Тој оцени дека доколку СДСМ не постапувала на тој начин, уставните измени денес немало да претставуваат услов за продолжување на евроинтегративниот процес.

Мицкоски нагласи дека комуникацијата и дијалогот со Бугарија продолжуваат, изразувајќи надеж дека ќе се најде решение што ќе овозможи придвижување на преговорите со Европската Унија, по 21 година од добивањето на кандидатскиот статус.

Тој смета дека Македонија следната година може да добие уште попозитивен извештај од Европската комисија, оценувајќи дека дел од реформите што ги спроведува Владата не биле опфатени во годинашната проценка.

Мицкоски, кој денеска беше во посета на Пирава, посочи дека евроамбасадорот Михалис Рокас потврдил оти земјата бележи значителен напредок во споредба со минатата година. Според премиерот, извештајниот период завршил на 31 август, по што Владата продолжила со спроведување реформи, особено во областа на борбата против корупцијата и владеењето на правото.

„Очекувам следната година да имаме уште посилен извештај, со што ќе се потврдат напорите на оваа Влада и амбицијата да биде реформска влада“, изјави Мицкоски.