Ѓурѓај го претстави македонското малцинство во Албанија на конгресот на ФУЕН во Хелсинки

„Во името на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, имав презентација за Македонците во Република Албанија“, изјави Ѓурѓај за Македонски весник „Илинден“.

Претседателот на Работната група на словенски малцинства при ФУЕН, д-р Хартмут Лајпнер, упати благодарност за успешната организација на семинарот, кој, како што е наведено, бил меѓу најбројните и претставувал значајна промоција на македонското национално малцинство во Албанија.

„Токму семинарот и активностите на Македонското друштво „Илинден“-Тирана беа во фокусот на денешниот состанок, кој традиционално се организира во рамките на секој конгрес на ФУЕН“, објави Македонски весник „Илинден“.

Македонското друштво „Илинден“-Тирана е член на Федералната унија на европските националности од 16 мај 2015 година и е дел од Работната група на словенски малцинства.

Во Работната група на словенски малцинства од Европа членуваат 32 организации, кои се рамноправни членки на ФУЕН.