Излезноста во вториот круг од локалните избори во Општина Брвеница до 11 часот изнесува 13,82 проценти, односно гласале 2.245 од вкупно 16.256 запишани избирачи. Во споредба со првиот круг, кога до истиот термин гласале 1.480 граѓани или 9,11 проценти, излезноста е зголемена за 4,71 процентен поен, информираше претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ.
Маричиќ, заедно со членови на ДИК, денеска посети три избирачки места во Брвеница, по што одржа прес-конференција на која оцени дека гласањето се одвива нормално и дека граѓаните слободно го остваруваат своето избирачко право.
Според податоците од сите 24 избирачки места, најголема излезност до 11 часот е забележана на избирачкото место 2044, каде што гласале 22,12 проценти од запишаните избирачи, а најмала на избирачкото место 2047, со излезност од 5,33 проценти.
„Во споредба со првиот круг излезноста во 11 часот е зголемена за 4,71 процент. Тогаш, пред две недели, во овој период гласале 1.480 гласачи или 9,11 проценти од вкупниот број запишани гласачи, сега се 13,82 отсто, односно 2.245“, рече Маричиќ.
Во однос на заштитата на личното избирачко право, до 11 часот во ДИК бил доставен еден приговор, кој бил усвоен, по што на гласачот му било овозможено да го оствари своето право на глас.
Маричиќ посочи дека при посетата на трите избирачки места забележале нормален тек на гласањето, иако на некои места имало поголем метеж и повеќе обиди за идентификација на гласачите, кои, како што рече, биле успешно завршени.
Државната изборна комисија денеска ги стави во функција бесплатната телефонска линија на која граѓаните можат да добијат информации за прашања поврзани со остварувањето на избирачкото право, како и телефонскиот број наменет за лица со оштетен слух.