Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас денеска во 14 часот ќе му го врачи Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија за 2026 година на премиерот Христијан Мицкоски, по што во 14:45 часот двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција во Медија-центарот на Владата.
Извештајот, кој вчера беше презентиран во Брисел, вчера му беше врачен на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој оцени дека документот претставува објективен преглед на постигнатите резултати и предизвиците со кои се соочува државата, но и патоказ за следните чекори кон членството во ЕУ.
Гаши позитивно го оцени забележаниот напредок во функционирањето на Собранието, особено во усвојувањето на Етичкиот кодекс и Стратешкиот план 2027–2031, зајакнувањето на парламентарниот надзор и постигнувањето меѓупартиски консензус за важни институционални именувања.
Истовремено, посочи дека сериозно се прифаќаат критиките за недостигот од политички консензус за одредени прашања и зголемената употреба на скратените постапки. Тој порача дека определбата за полноправно членство во ЕУ останува непоколеблива и дека извештајот треба да биде поттик за забрзување на реформите.
Во извештајот Европската комисија констатира дека земјава ја задржала целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос на руската агресија врз Украина, и ја оценува како доверлив партнер. Се нотира и активното учество во Планот за раст за Западен Балкан, но се посочува дека се потребни клучни реформи поврзани со ЕУ.
Меѓу главните забелешки се отсуството на напредок во усвојувањето на уставните измени, потребни за отворање на кластерот 1 „Основи“, како и недостигот од напредок во борбата против корупцијата. Комисијата нотира умерено ниво на подготвеност и ограничен напредок во областа на владеењето на правото и основните права, посочувајќи дека случаите на корупција на високо ниво се одложуваат и често застаруваат.
Премиерот Мицкоски вчера од Диселдорф порача дека Македонија веќе 15 години не е членка на ЕУ поради, како што ги нарече, вештачки прашања и побара робусна акција од Унијата.
„Сега се соочуваме со вештачко барање од земја членка на ЕУ, а на сето тоа може да се гледа и како на рушење на отпорноста на ЕУ“, рече Мицкоски на панелот „Отпорноста како императив за севкупното општество“.
Тој нагласи дека членството во ЕУ значи промена со додавање вредности, а не промена на идентитетот.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче вчера го оцени извештајот како негативен, обвинувајќи ја власта за назадување во борбата против корупцијата, слободата на изразување и јавните набавки, како и за политички притисоци врз судството и медиумите.
Тој посочи дека во 2025 година имало 40 тужби против новинари, трипати повеќе од претходната година, и оцени дека „сè оди надолу“.