Во Русија се одржуваат првите парламентарни избори од почетокот на целосната воена инвазија на Украина

Во Русија во петокот почна тридневното гласање на парламентарните избори, први откако Москва ја започна целосната воена инвазија на Украина во февруари 2022 година. Избирачките места ќе бидат отворени до недела, а гласањето се одвива низ 11 временски зони и преку систем за електронско гласање.

Околу 111 милиони луѓе имаат право да гласаат за новиот состав на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент. Според руската Централна изборна комисија, излезноста до крајот на првиот ден, заедно со електронското гласање, изнесувала околу 30 отсто.

Рускиот претседател Владимир Путин гласаше електронски од Кремљ. Во обраќањето пред почетокот на изборите тој ги поврза изборите со војната во Украина и ги повика граѓаните преку својот избор да покажат единство и поддршка за руските војници.

На изборите се пополнуваат сите 450 места во Думата. Половина од пратениците се избираат преку партиски листи, додека другите 225 мандати се распределуваат во едномандатни изборни единици, во кои граѓаните гласаат за конкретни кандидати.

Владејачката „Единствена Русија“ на Путин влегува во изборите со доминантно мнозинство во Думата. Во парламентот досега беа присутни и неколку партии што во Русија често се означуваат како „системска опозиција“, кои формално се опозициски, но на клучните прашања во голема мера гласаат во согласност со политиките на Кремљ.

Изборите се одржуваат со значително ограничена политичка конкуренција. Либералната партија „Јаблоко“, единствената регистрирана руска партија која отворено се спротивставуваше на војната, минатиот месец беше отстранета од федералното гласачко ливче со одлука на Врховниот суд. Неколку нејзини кандидати сепак учествуваат во поединечни изборни единици. Во изминатите години повеќе руски политичари и активисти кои се спротивставија на војната беа осудени на затворски казни или ја напуштија земјата.

Изборите се одржуваат и по летото во кое Украина значително ги засили нападите со беспилотни летала врз цели длабоко во руска територија, вклучително и врз нафтени рафинерии. Нападите придонесоа за проблеми со снабдувањето со гориво и дополнително ги изложија руските граѓани на последиците од војната.

Безбедносната ситуација влијаеше и врз изборниот процес. Во Сочи избирачките места во петокот привремено биле затворени поради опасност од напад со дронови, додека едно избирачко место во Краснодарскиот регион било преместено откако беспилотно летало ги искршило прозорците на објектот, според руската Централна изборна комисија.

Москва организира гласање и во окупираните украински области

Овие парламентарни избори се први на кои Русија вклучува гласачи од четирите украински региони – Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон – за кои Москва во 2022 година прогласи анексија, иако руската армија не ги контролира целосно. Гласање се организира и на полуостровот Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година. Анексиите не се меѓународно признаени.

Асошиејтед прес објави дека на едно избирачко место во делот од Доњецката област под руска контрола граѓаните гласале додека во непосредна близина стоел вооружен руски војник. Украинските власти го прогласија организирањето избори на окупираните територии за незаконско и побараа од странските влади и меѓународните организации да не ги признаваат резултатите од гласањето таму.

Европската Унија исто така соопшти дека нема да го признае гласањето во окупираните украински територии ниту резултатите што ќе произлезат од него.

„Овие таканаречени избори претставуваат уште едно очигледно прекршување на меѓународното право“, изјави портпаролот на Европската комисија Кристијан Виганд во петокот.

Европската комисија оцени и дека начинот на кој се одржуваат изборите покажува „продолжена и продлабочена ерозија на демократијата во Русија“, посочувајќи на отстранувањето на опозициски кандидати и ограничувањето на пристапот до независни информации. ЕУ го критикуваше и решението на Москва да не покани набљудувачи од Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ.

Изборите завршуваат во недела навечер, кога треба да почне објавувањето на првите резултати.