Мицкоски од Солинген: Македонската дијаспора е нераскинлив дел од татковината

Македонската дијаспора е нераскинлив дел од татковината, порача премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Третата конференција на задграничните комитети на партијата, што се одржа во Солинген, Германија.

Во поздравното обраќање пред делегатите, Мицкоски ги запознал со состојбите во државата, економските показатели за кои посочил дека покажуваат раст, инфраструктурните проекти, како и активностите за справување со предизвиците во енергетиката предизвикани од глобалните случувања.

Говорејќи за меѓународната позиција на државата, Мицкоски истакнал дека Македонија станала држава за почит, која своите ставови ги брани со аргументи, јасни пораки и стратегија.

Тој додал дека положбата во која се наоѓа државата е последица на грешките од минатото, кои, како што рекол, се „тешки како планини“.

Во партиското соопштение се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ има убедливо најголема поддршка кај граѓаните, со предност поголема од поддршката на сите други политички актери заедно.

На конференцијата биле отворени и прашања за унапредување на комуникацијата меѓу македонската дијаспора и татковината, како и за можностите за инвестирање и враќање во Македонија.

На конференцијата присуствувале и членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, Тимчо Муцунски и Стефан Андоновски.