Со изборот на Илијана Јотова за претседателка на Бугарија првпат и двете соседни држави – Македонија и Бугарија – имаат жени на највисоката државна функција, што го отвора прашањето дали оваа симболична паралела и досегашните директни контакти меѓу Гордана Сиљановска-Давкова и Јотова можат да придонесат за нова динамика во македонско-бугарските односи.
- Две средби – Ереван и Софија, разговорите почнаа со различни позиции
- Што содржи честитката на Сиљановска-Давкова?
- Јотова победи со повеќе од 1,09 милион гласови: „Луѓето поверуваа во политиката на дијалог“
- Сиљановска: Не се во прашање само уставните измени, туку и други барања
- Дали две жени на претседателските функции можат да ги приближат двете земји?
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера ѝ ја честиташе победата на Илијана Јотова, изразувајќи очекување дека Софија ќе има конструктивна улога во регионот и во Европа, како и надеж дека двете земји ќе ги надминат постојните предизвици преку дијалог и меѓусебна почит.
Јотова, која досега ја извршуваше функцијата вршител на должноста претседателка по повлекувањето на Румен Радев во јануари годинава, со изборната победа стана првата жена избрана за претседател на Бугарија. Сиљановска-Давкова, пак, во 2024 година стана првата жена претседателка на Македонија.
Две средби – Ереван и Софија, разговорите почнаа со различни позиции
Досега се евидентирани две директни средби меѓу Сиљановска-Давкова и Јотова. Првата се случила во Ереван, во мај годинава, на маргините на Самитот на Европската политичка заедница. Сиљановска-Давкова подоцна го опиша нивниот разговор како „пријатно женско говорење“, при што размениле мислења за проблемите со кои се соочуваат двете земји.
Втората средба се одржа на 10 јуни во Софија, на маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. На разговорите присуствуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, а во фокусот беа билатералните односи и пречките за македонската евроинтеграција.
По средбата, Сиљановска-Давкова оцени дека разговорот бил отворен и дека двете страни ги изложиле своите позиции. Посочи дека со Јотова се согласиле оти е изгубено многу време поради недоволната комуникација и дека е неопходно разговорите да продолжат, дури и кога постојат несогласувања.
Таа тогаш откри дека разликите не се однесуваат само на уставните измени, туку и на други барања поврзани со протоколите и работата на историската комисија. Истовремено, како важен предуслов за подобрување на односите ги посочи почестите контакти меѓу учениците, студентите, универзитетите, научните и културните институции, невладините организации и граѓаните.
„Не можете да решавате нешто заедно, низ дијалог, доколку не знаете кои се вашите позиции“, порача Сиљановска-Давкова по разговорот во Софија.
Што содржи честитката на Сиљановска-Давкова?
Во честитката објавена на социјалната мрежа Х, македонската претседателка им ја честиташе победата на Јотова и на новоизбраниот потпретседател Кирил Валчев, оценувајќи дека изборниот резултат ја одразува волјата на бугарските граѓани.
„Во име на македонските граѓани и од мое лично име им ја честитам изборната победа на претседателката Илијана Јотова и на потпретседателот Кирил Валчев. Успехот на претседателката Јотова ја одразува волјата на бугарскиот народ. Уверена сум дека за време на нејзиниот мандат Бугарија ќе одигра конструктивна улога во нашиот регион и во Европа“, напиша Сиљановска-Давкова.
Таа изрази надеж дека соработката меѓу двете земји ќе продолжи врз основа на меѓусебна почит, отворен дијалог и искрено партнерство.
„Со добра волја можеме да ги надминеме постојните предизвици, да ги зајакнеме македонско-бугарските односи и да ги унапредиме мирот, стабилноста и просперитетот“, порача претседателката.
Пораката е во линија со нејзините досегашни јавни ставови дека комуникацијата и мерките за градење доверба се неопходни за надминување на недовербата меѓу двете општества. Сепак, честитката сама по себе не значи промена на позициите на Софија во однос на македонските евроинтеграции, туку претставува дипломатска порака и повик за продолжување на дијалогот.
Јотова победи со повеќе од 1,09 милион гласови: „Луѓето поверуваа во политиката на дијалог“
Според конечните резултати објавени од бугарската Централна изборна комисија, кандидатската двојка Илијана Јотова – Кирил Валчев освоила 57,58 отсто од гласовите, односно 1.093.852 гласа. Нивните противкандидати Андреј Ѓуров и Георги Кандев добиле 39,48 отсто, или 750.251 глас. Опцијата „Не поддржувам никого“ ја избрале 56.080 гласачи, односно 2,95 отсто.
Јотова победила во 28 изборни региони, додека Ѓуров бил прв во три – двата изборни региони во Софија и во Ќарџали. Излезноста била околу 27 проценти.
По објавувањето на резултатите, Јотова им се заблагодари на гласачите, на иницијативниот комитет што ја поддржал, како и на политичките партии кои застанале зад нејзината кандидатура. Посебна благодарност упати до премиерот Румен Радев и неговата политичка формација „Прогресивна Бугарија“.
„Господине Радев, без вас немаше да успееме“, рече Јотова.
Таа оцени дека нејзината кандидатска двојка водела позитивна кампања, без напади и говор на омраза, и порача дека граѓаните се определиле за дијалог наместо за поделби.
„Но, денес народот со своите гласови кажа – не така. Преку дијалог, разговор, во потрага по решение, соработка и координација со другите институции може да се донесат добри одлуки, а не кога вашата главна порака е да ги саботирате сите други“, изјави Јотова.
Таа најави дека ќе работи на надминување на политичките поделби во бугарското општество и дека изборниот резултат го доживува како голема одговорност.
Во однос на евроингеративниот процес на Македонија нејзните ставови се константни и во насока дека Македонија треба да ги исполни обврските од францускиот предлог од 2022 година, вклучително и внесувањето на Бугарите во Уставот, нагласувајќи дека станува збор за европски критериуми, а не за бугарски барања.
Во август, на одбележувањето на Илинденско-Преображенското востание, таа изјави дека Македонија и Бугарија имаат заедничка историја и дека Софија нема да се откаже од залагањето за правата на Бугарите во Македонија, а во предизборната дебата во октомври порача дека нема да отстапи „ниту сантиметар“ од веќе договорените позиции и дека бугарската стратегија кон Македонија треба да продолжи како досега
Јотова во изминатите месеци беше присутна во македонската јавност поради ангажманот за случајот со Ива Михаилова од Кочани, чие лекување во Бугарија јавно го поддржа. Во август испрати писмо до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, барајќи да се разгледаат можностите за соодветен медицински третман, а случајот го отвори и на средбата со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, во Стразбур.
По пристигнувањето на Михаилова во Бугарија во октомври, Јотова најави дека ќе ги почека наодите на лекарите од „Пирогов“ и изрази подготвеност лично да се сретне со неа.
Сиљановска: Не се во прашање само уставните измени, туку и други барања
Во однос на македонско-бугарските односи, Сиљановска-Давкова,пак, досега повеќепати истакна дека евроинтегративниот процес не треба да биде оптоварен со билатерални прашања и дека европските принципи треба да важат еднакво за сите држави.
Во повеќе јавни настани таа нагласува дека прашањата поврзани со македонскиот идентитет, уставните измени и условувањата од Бугарија бараат поширок европски пристап, односно дека македонските евроинтеграции и условувањата поврзани со Софија не може да се третира ниту исклучиво како билатерален спор, ниту само како проблем меѓу Македонија и Европската Унија, нагласувајќи дека е потребен дијалог.
Сиљановска-Давкова се повикува на основните документи на Европската Унија, во кои, како што вели, се гарантира почитувањето на националниот и културниот идентитет, како и на уставните и политичките структури на државите.
Сиљановска-Давкова, сепак, не ја исклучува можноста за надминување на спорните прашања преку добра волја и градење доверба. Според неа, за подобри односи се потребни и конкретни заеднички проекти, инфраструктурна соработка, универзитетски размени и почести контакти меѓу граѓаните.
Во интервју за Македонското радио во мај, таа ја спомена и средбата со Јотова во Ереван, оценувајќи дека имале размена на мислења за проблемите со кои се соочуваат двете земји. Во истото интервју посочи дека соработката и добрите лични контакти можат да бидат основа за поинаква комуникација, но и дека не треба да се занемари фактот оти постојат пошироки политички позиции и концепти во бугарската политика кон Македонија.
Дали две жени на претседателските функции можат да ги приближат двете земји?
Фактот дека Македонија и Бугарија за првпат имаат жени на претседателските функции отвора можност за нова динамика во комуникацијата на највисоко ниво. Сиљановска-Давкова и Јотова веќе имаат воспоставено директен контакт, а досегашните средби покажуваат подготвеност да разговараат и за прашањата околу кои имаат различни позиции.
Но, приближувањето на односите нема да зависи само од личната комуникација меѓу двете претседателки, ниту од фактот дека се првите жени на функцијата во своите држави. Клучни ќе бидат конкретните политички одлуки, односот на Софија кон македонските евроинтеграции, прашањата поврзани со уставните измени, протоколите и историската комисија, како и подготвеноста на двете страни да градат доверба.Румен РАдев го има мнозинството во бугарскиот паарламент и бугарската политика, заедно со Јотова тоа е забетонирна позиција.
Изборната победа ѝ дава на Јотова сопствен претседателски мандат, но нејзините ставови за односите со Македонија и за европската перспектива на регионот ќе бидат важен показател за тоа дали ќе има простор за нов пристап. Да не заборавиме нејзин ментор е сепак Румен Радев. Од друга страна, Сиљановска-Давкова веќе ја постави рамката на своите очекувања – дијалог, почитување на различните позиции и решавање на проблемите без нови условувања.Нејзината позиција пак ја диктира премиерот Христијан Мицковски и ВМРО ДПМНЕ.
Двете претседателки имаат можност да го продолжат разговорот што го започнаа во Ереван и го продлабочија во Софија. Дали тоа ќе донесе вистинско приближување…, ќе покажат следните средби и конкретните потези, а не само симболиката на две жени на чело на соседните држави.