Митева со осуда за Богојевски: Неговите изјави се понижувачки, ретроградни и опасни

Претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, остро ги осуди изјавите на Петар Богојески за жените и наводната потреба од „машки надзор“, оценувајќи ги како понижувачки, ретроградни и опасни сфаќања што го навредуваат достоинството на жените и ги поткопуваат вредностите на демократското општество.

Митева посочува дека е недозволиво жената да се претставува како личност на која ѝ е потребен надзор, а особено опасно, според неа, е релативизирањето на насилството во партнерските односи.

„Со згрозување и длабоко неверување ги проследив изјавите на Петар Богојески за жените и наводната потреба од „машки надзор“. Ова се понижувачки, ретроградни и опасни сфаќања кои го навредуваат достоинството и директно удираат врз вредностите на едно демократско општество“, наведува Митева.

Таа нагласува дека како претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, но пред сè како жена, најостро ги осудува ваквите ставови.

Според Митева, заложбата на Унијата на жени преку иницијативата „За една повеќе“ е целосно спротивна на пораките што ги упатил Богојески – за секоја жена повеќе што ќе добие можност, ќе биде почитувана и ќе има слобода да одлучува, создава, води и успева.

„Да се зборува за жената како за личност на која ѝ е потребен надзор е недозволиво. Најстрашно, во неговите изјави се релативизира насилството во партнерските односи и тоа е опасно и заслужува најостра јавна осуда“, истакнува Митева.

Таа оценува дека станува збор за прашање на елементарни цивилизациски вредности и оти нема место за вакви сфаќања, ниту простор за молк и релативизирање.

Митева се осврнува и на одговорноста на медиумите при давањето простор на вакви ставови, посочувајќи дека слободата на говорот е темелна демократска вредност, но дека медиумската видливост не треба да се подразбира како право на секој што, како што наведува, посегнува по навреда и понижување.

„Вреди да се размисли дали и во колкава мера на ваквите ставови треба да им се отстапува простор, особено кога со нив се поткопува достоинството“, порачува претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.