Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, обвини дека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и партијата вршат притисок врз Народната банка и Алта банка со цел да создадат паника околу работењето на банката и да отворат простор бизнисмен близок до Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев да ги откупи нејзините акции по ниска цена.
Според Петрушевски, активностите на СДСМ во врска со Алта банка не се мотивирани од политички причини поврзани со Србија, туку, како што тврди, од бизнис-интереси на Филипче и Заев.
Тој оцени дека целта е да се создаде впечаток дека банката е пред распаѓање и дека е неликвидна, што би можело да предизвика паника во банкарскиот сектор и да влијае врз вредноста на нејзините акции.
Како еден од доказите за своите тврдења, Петрушевски ја посочи вчерашната прес-конференција на генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ, на која, според него, било побарано ПИОМ да не ги исплаќа пензиите на корисниците на Алта банка.
„Еден од неколкуте докази што ја поткрепуваат оваа информација е вчерашната прес-конференција на генералниот секретар на СДС, Александар Димитријевиќ, кој побара ПИОМ да не ги исплаќа пензиите на корисниците на Алта банка, со што прави кривично дело според член 315 од КЗ“, изјави Петрушевски.
Тој порача дека граѓаните треба да бидат спокојни, додавајќи дека додека премиер е Христијан Мицкоски, а ВМРО-ДПМНЕ е на власт, ќе има исплата на плати и пензии и, како што рече, нема да пропаѓаат банки.