ЗЕЛС домаќин на состанок со Комитетот на регионите на ЕУ, на дневен ред евроинтеграциите и јавните набавки

Скопје денеска ќе биде домаќин на 26. состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија, на кој ќе се разговара за улогата на локалните власти во пристапувањето кон ЕУ и за јавните набавки.

Состанокот го организира Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), а Комитетот го сочинуваат 22 делегати, по 11 од Македонија и од Комитетот на регионите на ЕУ, избрани од редовите на градоначалниците и советниците, како и нивни заменици.

Првата сесија ќе биде посветена на пристапниот процес на земјава кон ЕУ, со обраќања на претседателот на ЗЕЛС, министерот за локална самоуправа и претставник на Делегацијата на ЕУ. Онлајн ќе се обрати и генералниот секретар на Конгресот на локалните и регионалните власти при Советот на Европа, Матје Мори.

Ќе биде презентирана и работата на Локалната опсерваторија за спроведување на реформските агенди во Западен Балкан, а втората сесија ќе се фокусира на јавните набавки, со учество на домашни и странски експерти.

Изјави за медиумите се најавени за 11 часот. Ќе се обратат претседателот на ЗЕЛС и копретседавач на Комитетот, Орце Ѓорѓиевски, заменик-министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими, и копретседавачот од Комитетот на регионите на ЕУ, Иван Гулам, градоначалник на Општина Пировац во Хрватска.

Заедничкиот консултативен комитет е формиран во 2008 година, со цел унапредување на политичкиот дијалог и соработката меѓу локалните и регионалните власти на Македонија и земјите членки на ЕУ. Одржува две седници годишно, една во земјава и една во Брисел.