Европската Унија очекува Македонија да ги усогласи своите политики со европската рамка за критични суровини и да создаде услови за нејзино интегрирање во синџирите на снабдување на Унијата. Во последниот Извештај на Европската комисија за земјава се посочува дека Македонија располага со значајни можности за инвестирање во овој сектор, кои можат да придонесат за поголема отпорност на европските синџири на снабдување.
Во извештајот се наведува дека ресурсите на железо, никел, бакар и цинк имаат важна улога за индустрискиот и производниот сектор во регионот. Дополнително, земјата произведува олово и други минерали кои ја поддржуваат домашната рударска индустрија.
„Северна Македонија сè уште треба да се усогласи со Директивата за критични суровини (CRM), како и да изготви и усвои соодветна легислатива за да се интегрира во синџирот на вредности на ЕУ за критични суровини“, се наведува во извештајот.
Домашните власти претходно најавија усогласување со европското законодавство преку нови закони за рударство и геологија. Предвидено е тие да овозможат формирање листи на стратешки и критични минерални суровини, како и законска основа за рударските инвестиции да добиваат статус на „стратешки проекти“. Со тоа би се овозможило поефикасно спроведување на процедурите за издавање дозволи, согласно практиките во земјите од ЕУ.
Кај нас единствена активна инвестиција во моментов е во рударскиот проект за ресурсите за бакар во „Иловица-Штука“. Зад оваа инвестиција стои „Трафигура“, мнозински сопственик на Еуромакс Ресоурцес, компанијата концесионер на проектот за рудникот во Иловица. Трафигура во своето портфолио веќе има проект кој од страна на Европската Унија е означен како „стратешки“ и подлежи на забрзани процедури. Станува збор за рудникот за бакар „Долина Ровина“ во Романија. Носител на проектот е „Еуро Сан Мајнинг“, компанија која е финансиски поддржана од Трафигура.
„Потпишувањето на овој Меморандум за разбирање со Macquarie и Trafigura, заедно со стратешката капитална инвестиција од страна на Trafigura, претставува значајна пресвртница за проектот „Долина Ровина“. Заедно со нашите постоечки аранжмани, овие договори го утврдуваат значителниот дел од рамката за финансирање, предвидена за унапредување на проектот кон фазата на изградба“, изјави во септември годинава извршниот директор на „Еуро Сан Мајнинг“, Грант Сабор.