Петрушевски бара ЈО да реагира за ширењето паника за Алта банка од страна на СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да постапи по член 315 од Кривичниот законик, оценувајќи дека функционери на СДСМ, предводени од Венко Филипче, со своите изјави за случајот со Алта банка предизвикуваат паника и недоверба кај граѓаните за политички поени.

Заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Бране Петрушевски на денешната прес-конференција обвини дека СДСМ во изминатите две години шири дезинформации и создава чувство на несигурност во јавноста, наведувајќи неколку примери за кои тврди дека партијата претходно ширела невистинити информации.

Како примери ги посочи тврдењата за наводно прифаќање мигранти од Обединетото Кралство за пари, суспендирање на ИПАРД-програмата, негативен извештај на известувачот за Македонија во Европскиот парламент Томас Вајц, како и најавите дека пензиите нема да бидат исплатени.

Петрушевски рече дека овие тврдења, според него, биле демантирани од последователните настани, посочувајќи дека ИПАРД-програмата продолжила да функционира, земјоделците ги добиле средствата, а пензиите редовно се исплаќаат.

Во однос на унгарскиот кредит, тој истакна дека опозицијата ширела сомнежи за неговото спроведување, додека Државниот завод за ревизија, како што рече, констатирал дека нема малверзации, а унгарски функционери ги потврдиле поволните услови на кредитот.

„Затоа, ваквиот однос на функционери на СДС е казнив според Кривичниот законик, член 315, наречен саботажа, кој предвидува најмалку три години затвор за оној кој свесно предизвикува штета на правно лице. Го повикуваме ЈО да отвори случај по допрен глас и да реагира“, изјави Петрушевски.