Додека се работи на дијалогот со Софија за надминување на отворените прашања, со поддршка од европските институции и земјите членки на ЕУ, ОБСЕ изрази подготвеност да придонесе во олеснувањето на односите меѓу соседните земји.
Овие пораки беа испратени денеска во Скопје од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и претседавачот со ОБСЕ, швајцарскиот министер за надворшни работи Ињацио Касис.
Муцунски на заедничката прес-конференција со Касис истакна дека дијалогот за отворените прашања меѓу Скопје и Софија е во тек, дека има поддршка од европските партнери и дека македонските позиции остануваат јасни и принципиелни.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос дека Европската комисија работи на дијалогот меѓу Македонија и Бугарија, Муцунски рече дека разговорите се одвиваат и на европско ниво.
„Во однос на прашањето со Бугарија, мислам дека прилично јасно кажавме дека во моментот работиме на дијалог за кој, како што слушнавте од претставниците на Европската Унија, имаме поддршка и од европските институции и од земји членки“, изјави Муцунски.
Тој повтори дека сите разговори што се водат во моментот, како и оние во изминатите една до две години, се засноваат на позиции што македонската страна јасно им ги претставила на европските партнери.
„Нашите позиции се јасни, принципиелни и сите разговори што ги водиме во моментот, како и оние што сме ги воделе во последните една-две години, се базирани на позиции што прилично јасно им ги претставивме на нашите европски партнери“, рече Муцунски.
Касис, од своја страна, посочи дека ОБСЕ може да помогне во процесот на интеграција преку набљудување и анализа на состојбите во владеењето на правото, но и преку олеснување на односите со соседните земји. Тој нагласи дека организацијата преку својата мисија во земјата е подготвена да продолжи да дава поддршка.
Тој ја поздрави и поддржа европската перспектива на земјата, оценувајќи дека просперитетот и стабилноста на Западен Балкан се приоритет за Швајцарија и за целиот регион на ОБСЕ.
„Ние сакаме да се задржи довербата бидејќи, без доверба, нема безбедност, а без безбедност нема ни просперитет. Тоа се трите концепти што Швајцарија ги избра како слоган за ОБСЕ“ порача Касис на заедничката прес-конференција со Муцунски.
Кос претходно неделава од Брисел порача дека Европската комисија прави многу за односите меѓу Македонија и Бугарија, но дека не ги објавува сите активности.
„Ние правиме доста за односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, но не кажуваме сè“, рече Кос.